Нова сабота, нов протест за чист воздух пред Собрание

Иницијативата „Канцерогено општество“ за утре (сабота, 9 февруари) од 13 часот повика на нов протест за чист воздух пред Собранието на Македонија.

Од иницијативата потенцираат дека целта е заедничко дејствување, заеднички еко-фронт од разни еколошки организации, активисти и граѓани за да се изнајдат предлози и решенија за загадувањето.

„Долготрајната изложеност на ПМ- честичките ја зголемува вкупната смртност во просек за шест отсто. Секојдневно се зголемува бројот на карцерогени и кардиоваскуларни болести, а сето тоа се должи на загадениот воздух на кој се изложени граѓаните. Додека ни снемува чист воздух, донесувачите на одлуки и годинава не испорачаа соодветен буџет и сеопфатна стратегија за горливиот проблем со загадувањето“, вели Анастасија Ивановска од „Канцерогено општество“.

Иницијативата потенцира дека, во моментов, Македонија е четврта земја во светот, а втора во Европа, по заболување од канцер на белите дробови.

„Едно од клучните барања на нашата организација е решавање на сите жешки еколошки точки како што се: Охис, Јегуновце, РЕК Битола, Железара и Дрисла. Исто така, треба да се воведе нова технологија за решавање на регионалните депонии што се под локална власт, и создавање национален план за селектирање и рециклирање на отпадот“, вели Андреј Саревски од иницијативата.

Инаку, ова е трет протест пред Собрание кој го потегна Канцерогено општество. Досега поддршка дојде од повеќе иницијативи, организации, од Движењето за чист воздух, а присуство најави и иницијативата „Средношколски глас“.

Средношколците утре од 11:30 часот кај Спомен куќата на Мајка Тереза ќе одржат координативна средба за нови идеи, по што во 13 часот ќе се упатат кон протестот пред Собранието.