Нов Зеланд се откажа од целосната забрана на тутунот

Нов Зеланд денеска го укина првиот закон во светот за забрана на продажба на тутун за идните генерации, соопшти владата, иако научниците и активистите предупредуваат дека одлуката може да предизвика повеќе смртни случаи од пушењето, пренесува Ал Џазира Балканс. Инаку, ваквата мерка за укинување на забраната беше најавена уште пред неколку месеци.

Новите правила требаше да стапат на сила од јули. Се работи за најстрогиот закон против тутун во светот, со кој, меѓу другото, ќе се забрани продажба на сите родени по 1 јануари 2009 година и ќе се намали содржината на никотин во тутунските производи.

Новата коалициска влада избрана во октомври потврди дека денеска по итна постапка ќе го укине тој закон, што ќе ѝ овозможи да ја заобиколи јавната расправа, согласно претходно најавените планови.

Помошникот министер за здравство Кејси Костело рече дека коалициската влада е посветена на намалување на пушењето, но презеде поинаков регулаторен пристап за да ја обесхрабри оваа навика и да ја намали штетата што ја предизвикува.

„Наскоро ќе донесам до Кабинетот пакет мерки за зголемување на достапните алатки за да им се помогне на луѓето да се откажат од пушењето“, рече Костело.

Одлуката за укинување на законот се коси со силните истражувачки докази, ги занемарува мерките кои силно ги поддржуваат лидерите на Маори и ќе ги овековечи здравствените нееднаквости, рече научникот Џенет Хоек од Универзитетот во Отаго.

„Големите клинички испитувања и студиите за моделирање покажуваат дека законодавството брзо ќе ги зголеми стапките на откажување од пушење кај пушачите и ќе им отежне на младите да почнат да пушат“, рече Хоек.

Нов Зеланд со нов закон забрани продажба на цигари на секој роден по 2009 година