Битолчани во сабота ќе протестираат за чист воздух

Незадоволни од односот на локалната самоуправа и нејзиниот игнорантски однос за решавање на аерозагадувањето во општина Битола, здруженито „За нас се работи“ најави втор протестен марш во сабота (13 декември) под мотото „Марш за живот“.

Со почеток во 11:30 часот, од Офицерскиот дом, по Широк сокак граѓаните ќе се упатат пред зградата на општина Битола каде ќе побраат средба со локалните власти.

-Имајќи го во предвид игнорантскиот однос на надлежните, засегнати со проблемот на аерозагадувањето, масовно да излеземе и да ги повикаме одговорните лица за ИТНО решавање на проблемот со амбиенталниот воздух. Идејата е повторно да се прочитаат нашите барања и да се побара итна средба со градоначалникот или некој од надлежните со цел јасно и недвосмислено да се дефинираат и да се пренесат на хартија постапките и начинот на решавање на проблемот со цел доведување на квалитетот на воздухот во рамките на дозволеното, се наведува во поканата за настанот.

Здружението „За нас се работи“, преку граѓанската иницијатива „Битола сака чист воздух“ ги повика сите граѓани на Битола и околината да се придружат на овој протест.