Нов протест во Карпош за дрвја и паркови наместо бетон и згради

Со блокирање на булеварот „Партизански Одреди“ кај трговскиот центар „Сити  мол“, жители на Карпош и оваа сабота го искажаа својот револт против новите урбанистички планови во општината . Тие бараат од Општина Карпош да ги повлече плановите, да работи транспарентно и да го штити јавниот, наместо, како што велат, интересот на урбаната мафија.

Жители на Карпош 3 велат дека се загрижени поради тоа што општината, во ДУП-от за нивната населба впишала нов трговски центар спроти Сити мол, на место каде што сега има голем парк и тениското игралиште. Ако се реализираат плановите, велат жители на Карпош, ќе треба да се исечат десетици возрасни дрвја и ќе се случи „бетонизација“ на нивната населба. Со новите ДУП-ови, предвидено е да се градат паркинзи, катни гаражи и деловни објекти на места каде што сега има паркови и зеленило, а самите планови беа донесени околу новогодишните празници, без учество на јавноста.

Ова е втор ваков протест, по минатонеделниот кога жители на општината најавија дека ќе се собираат секоја сабота напладне и ќе ја блокираат „Партизанска“, се додека градоначалникот не ги исполни нивните барање. Тогаш тие упатија и отворено писмо со барања кон општината и градоначалникот Стевче Јакимовски.

Од општина Каршош пак, во реакција за протестот, ги обвинуваат СДСМ за деструктивно делување и додаваат дека општината напредува, има европски лик и е најпосакувано место за живеење во Скопје.Тие посочуваат дека Карпош засилено се гради и се урбанизира, но и дека граѓаните на Тафталиџе најеклатантно, на пролет ќе ја почувствуваат засилената градежна активност на општината.