Нов правилник за велосипедска инфрастуктура треба да донесе ред и стандарди со вело-патеките

Точакољупците секојдневно наидуваат на велосипедски патеки со шахти, столпчиња, дупки и „тумби-румби“. Начекуваат и контејнери и автобуски постојки, насред пат. Некаде се судираат пешаци со велосипедисти. Некаде не се знае каде завршува тротоар, а каде почнува вело-патека. Нејасно е ниту дали воопшто се возат по вело-патека, бидејќи е неквалитетно обоена, избледена или тесна. Дополнително, без стандардизирана велосипедска мрежа, се дестимулираат луѓето да излезат од удобноста на својот автомобил, а притоа велосипедизмот продолжува да биде небезбеден транспорт додека годишно во сообраќајки умираат над 120 луѓе, што се две дискотеки „Пулс“. Воедно, не се помага ниту да се намали аерозагадувањето, иако Македонија, особено Скопје, е редовно во трката за најзагаден град во Европа.

Ова треба да почне да се менува со новиот правилник за велосипедска инфраструктура, кој денеска беше промовиран на настан пред „Континентал“ и кој наскоро треба да биде донесен.

Како што објасни Дарко Арсовски Петровски од „Гоу Грин“, еден од иницијаторите на правилникот, се работи за важен документ кој го бараат повеќе од 10 години.

Фото: Радио МОФ

„Македонија е една од трите земји во Европа (заедно со Косово и Албанија) која нема правилник  за велосипедска инфрастуктура. Тоа значи, ако некоја општина планира велосипедска патека, лента, паркинг – било каква инфраструктура – нема правилник за тоа што е универзално. Затоа патеките во Охрид се широки 1 метар, во Струмица се 1,25, а во Скопје – 1,50 метри. Со ваков правилник, кога ќе се донесе, ќе биде универзално и стандардизирано како треба да изгледа патеката“, посочи Арсовски Петровски.

Правилникот го прават година дена. Заедно со експерти превеле странски правилници и го усогласуле со домашното законодавство. Лани го предале на Министерството за транспорт, па, по нова година, заедно работат и го дополнуваат и прошируваат, по потреба.

„Сега го имаме најсеопфатниот на Балканот и можеби најдобриот во моментов. Но, тоа не значи дека е финален. Како што во светот на 3-4 години се менуваат, така и овој ќе продолжи да расте и да се подобрува“, нагласува тој.

Еко-активистот посочи дека целосниот назив му е „Правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура“.

„Тука сме на булевар ‘Александар Македонски’, една од ретките патеки во Македонија доволно широка за двонасочен сообраќај – велосипедски и пешачки плус зеленило. Во Правилникот е опфатено како треба да изгледа кога има вакви услови, кога е тесна улицата, кога се заобиколува, како да изгледа рабникот, кој многу често е висок. Еден висок рабник ја спречува жената што пазари јаболки да вози по него, бидејќи ќе и’ паднат јаболките. Така да, секоја една ситница, дали тоа е вело-паркингот пред институцијата, заобиколувањето, автобуската станица… Кај нас, на ‘Партизанска’ доаѓа во колизија меѓу пешаците и велосипедистите поради несоодветно заобиколување на станицата. Значи, ги има сите детали за една патека и секој конфликт кој произлегува (за точаците)“, објаснува претставникот на „Гоу Грин“.

Фото: Радио МОФ

Тој потврдно одговори на прашањето на Радио МОФ дали со локалните избори, ова е шанса за градоначалниците конечно да почнат да ги прават и сервисните улици попријателски за велосипедистите.

„Многу ми е мило што меѓу нас имаме и градоначалници (Аеродром и Гази Баба) и претседателот на ЗЕЛС, кои имаат огромна моќ. Иако во Скопје најголемата велосипедска инфраструктура е на булеварите, сепак, недостигаат вело-патеки во маалските и општински улици. Се надевам, градоначалниците во своите мандати ќе ги изведуваат. Правилото е дека секој треба да има безбедна патека на 250 метри од својот дом. Онаму каде нема, пример во школски зони, доволно е да има ограничување на сообраќајот – со 10 на саат, за да може безбедно да се движи велосипедот, пешакот и количката, и да нема страв за судир со автомобил“, нагласи претставникот на „Гоу Грин“.

Во однос на нашето прашање како ќе се надгледува дали правилникот ќе биде спроведуван, Арсовски Петровски посочува дека ако нешто не е направено како што треба – сега ќе може да кажеме „еве, ова недостасува“.

„Порано немавме основа. Порано ако некој прави како сака, можеше и да ‘крпи’ како сака. Денес, ако аплицира Велес или Струмица за пари од Европска унија, таа нема да каже ‘земете и направете како сакате’, туку ‘мора да биде вака’. Друго е кога некој си прави во свое маало, а друго е кога донаторите, кои даваат пари, бараат стандардизиран пристап“, посочи Арсовски Петровски.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, тврди дека, согласно правилникот, како локална самоуправа ќе бидат обврзани при проектирање на одреден коридор, булевар, па макар и помала улица – таа да содржи велосипедска патека.

„Таму нема ‘дали сака’ или ‘не сака градоначалникот’. Таму ‘мора’ да постапи по тој правилник. Тоа се одредени работи што мора да ги почитуваме, зашто ќе бидат обврзувачки за локалната самоуправа. Апсолутно сме свесни за тоа. Ќе биде тешко, но ќе мора да го имплементираме. Дополнително, и централна, и локална власт мора да биде во комуникација со невладиниот сектор за сите решенија, така да се развиваме, ако се стремиме кон Европа“, рече Ѓорѓиевски.

Фото: Радио МОФ

Тој идејата за правилникот на „Гоу грин“ ја карактеризираше како револуционерна. Aпелираше до пратениците до Собранието едногласно да го усвојат овој документ, час поскоро, по што би следел процес на негова имплементација.

„Апелирам и до колегите градоначалници уште од денес, да започнат со имплементација. Де факто, нас ни недостасуваат велосипедски патеки не само во Скопје, туку и во цела Македонија. Од друга страна, оние што ги имаме, во многу случаи не се согласно правилници и во одредени делови се небезбедни. Треба сериозно да фатиме во Скопје, бидејќи околу 5% од населението користи велосипедски транспорт, но треба да се заложиме процентот да се дуплира во наредните четири години. Во Скопје има и 144 километри велосипедски патеки, но сите заеднички, не само Градот туку и скопските градоначалници, да ја дуплираме таа бројка. Добро е што граѓаните ќе имаат алтернативен начин да стигнат до своите позиции, од точка А до точка Б, а друга страна ќе влијаеме за заштита на животната средина“, рече Ѓорѓиевски.

Според заменик министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири, со ваквите активности се промовира велосипедот како еколошки, поздрав и побезбеден начин на возење.

„Ова не е само симболичен настан, ова е многу голем чекор за Македонија кон европските стандари во однос на безбедноста на нашите патишта“, посочи таа.

На прашањето на Радио МОФ кога би бил готов и што е гаранција дека нема да се развлече уште 2-3 години, Зеколи Шаќири уверува дека се сериозни во изработката на правилникот.

Поголениот дел е готов, ни требаат уште некои технички работи од Министерството за внатрешни работи и ‘Јавни патишта’. Чекаме уште некои технички делови и многу скоро ќе биде во нашите и вашите раце“, нагласи таа, иако не даде конкретен датум кога би стапил на сила.

Инаку, освен „Гоу Грун“, стандарди за велосипедската инфраструктура долго време паралелно бараат и од иницијативата НаТочак. На последната Критична маса, вело-активистите главна порака упатија до кандидатите за градоначалници, во очи на локалните избори што ќе се случат овој октомври.

„Имаат голема можност, шанса да направат суштински промениИмаме еден едноставен предлог: зошто не се качите една недела на точак? Да ги паркирате колите и да видите со што се соочуваат велосипедистите, пешаците, родителите кои туркаат колички, лицата со попреченост и сите оние оние што не се во удобноста на колата. Време е велосипедот и останатите превозни средства да се изедначат со приматот што постои во нашиот град, а тоа е автомобилот“, посочија од НаТочак.

Фото и текст: Бојан Шашевски