Скопје доби нов мурал, дело на белградскиот уметник и архитект Андреј Јосифовски. Новиот мурал е посветен на пријателството и е исцртан на ѕидот кај гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Муралот е одговор на темата „Луѓето се важни“, на местото каде некогаш стоеше графитот „Парк на пријателството“.
Како што објаснува Јосифовски за Радио МОФ, муралот е симбол на пријателството.
„Ги нацртав своите пријатели и девојката, кои ми даваат поддршка во создавањето на моите дела. Има многу симболика, а една од најважните е дека четворицата прават столче од своите раце, за да им помогнат на оние на кои им е неопходна помош. Од тоа пријателство расте еден цвет во облик на раце кој оди кон небото. Сонцето е жолто, а цветот црвен, како и боите на македонското знаме, затоа што и моето презиме е Јосифовски и имам македонски корени“, објаснува тој .
За изработката на овој мурал, вели тој, беа потребни четири дена. Како што појаснува уметникот, тој пристигна во Скопје на повик на Халкбанка, која ја финансираше изработката на муралот.