Нов мурал на Бенкси во Бирмингем посветен на бездомните лица

Викендов во Бирмингем, Велика Британија, се појави нов мурал на мистериозниот уметник Бенкси.

Непосредно пред божиќните празници, Бенкси изработи мурал на кој се прикажани два ирваса врзани со каиши, веднаш до клупа на која често преноќуваат бездомници.

Бенкси на својот профил на „Инстаграм“ објави снимка на која може да се види бездомникот Рајан како се подготвува да си легне на клупата до која е нацртан цртежот, кој полека се открива додека тече снимката.

„Господ да го благослови Бирмингем. За 20 минути додека го снимавме Рајан на оваа клупа минувачите му дадоа топла напивка, две чоколатца и запалка, а тој не ни побара нешто“, напиша Бенкси.