НМХТ: Полицијата итно да го пронајде напаѓачот на активистот Славчо Димитров

Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија реагира за физичкиот напад врз активистот Славчо Димитров, кој во неделата, во 17 часот беше нападнат во центарот на Скопје.

Мрежата за борба против хомофобија и трансфобија ја повика полицијата и Основното јавно обвинителство итно да го пронајдат напаѓачот на активистот Славчо Димитров и побара на сторителот да му се суди согласно Кривичниот закон.

„Случајот веднаш е пријавен во полициска станица, каде после едно враќање, неколку часа чекање и распитување на жртвите на насилството во ходникот на полициската станица, полицијата констатираше дека се работи за нарушување на јавен ред и мир со физички напад. Наместо овој тендециозен, застрашувачки и загрозувачки чин да се води како кривично дело и брзо да се реагира, полицијата сметаше дека дело од омраза може да помине и како нарушување на јавен ред и мир еквивалентно на пиење алкохол или фрлање ѓубре“, велат од Мрежата за борба против хомофобија и трансфобија.

Тие реагираат што полицијата не ги зела предвид претходнодно дадените информации, дека се работи за истакнат активист за човекови права, особено за правата на ЛГБТИ луѓето, кој и претходно бил напаѓан и вербално и физички, особено за време на нападите врз ЛГБТИ Центарот.

Од Мрежата потенцираат дека не е првпат активистите за ЛГБТИ правата, настаните организирани од ЛГБТИ организациите, како и ЛГБТИ Центарот за поддршка, да се мета на физички напади и насилство, а полицијата никогаш не ги наоѓала сторителите.

„Овој настан не може да се гледа изолирано, надвор од скорешните напади на граѓански активисти и постојаните хомофобични и трансфобични напади. Ова не е само еден случаен напад, ова е напад кон сите оние кои имаат храброст да зборуваат и делуваат против насилничките и репресивни политики и напад против оние кои се осмелиле да бидат гласот на најтивките. Овој напад е обид за заплашување и за замолкнување“, пишува во реакцијата.