Фејсбук ангажирал ПР фирма која се обидела да ги дискредитира критичарите на компанијата преку тврдења дека тие се поврзани со милијардерот Џорџ Сорос, пренесува Њујорк Тајмс во текстот со наслов „Одложувај, негирај и пренасочувај: Како лидерите на Фејсбук се бореле за време на кризата“.
Сорос е инвеститор и филантроп кој е честа мета на антисемитски теории на заговор. Истовремено, социјалната мрежа лобирала до невладината еврејска организација „Лига против клевети“ (Anti-Defamation League), која е базирана во САД, за да се спротивстават на илустрација која ја користеле анти-Фејсбук критичари поради нејзината сличност со антисемитски пораки.
Американскиот весник објавува и детали за тоа како директорите на Фејсбук не успевале да се справат со бројните и тешки обвинувања против компанијата, истовремено борејќи се со критичарите и ликовите кои ги гледале како непријатели.
Рашад Робинсон, директорот на „Бојата на промените“ (Color of Change), една од компаниите која била мета во ПР кампањата, ги нарекува антисемитските обвинувања „скандалозни и загрижувачки“.
Фејсбук, покрај растечкиот притисок поради неговата улога во руското мешање во американските претседателски избори во 2016 година, се обратил и до политичка фирма за консалтинг од Вашингтон, специјализирана во истражување на опозицијата. Според Њујорк Тајмс, нивната тактика била да објавува десетици негативни стории за другите технолошки компании, како Гугл и Епл, со цел да се одвлече вниманието од проблемите на ПР-от на Фејсбук. Фирмата ги објавувала текстовите на сајтот NTKNetwork.com, кој изгледа како новински сајт, но всушност е воден од ПР фирма.
Друга тактика била да се посочува Сорос како движечка сила зад групите кои го критикуваат Фејсбук. Компанијата споделувала документ кој го поврзувал Сорос со „широко анти-Фејсбук движење“ и ги повикувале новинарите да истражуваат во финансиската поврзаност меѓу Сорос и групи како „Слобода од Фејсбук“ (Freedom from Facebook) или „Бојата на промените“.
Новинарот Џо Габриел Симонсон, кој пишува за десничарскиот веб-сајт „Дејли Калер“, вчера на Твитер напиша дека бил насочуван да пише „Сорос / Тактиките на Сорос“ во текст за Фејсбук претходно оваа година.
„Овој ПР тип постојано зборуваше за Сорос. Ова се случуваше пред шест месеци, па изгледа уште почудно“, напишал Симонсон.
Фејсбук не дале никаков коментар за Њујорк Тајмс пред објавата на текстот.