Nike му го раскина договорот на боксерот Manny Pacquiao поради хомофобична изјава

Во потег кој се гледа како силна порака во борбата против хомофобијата, производителот на спортска опрема Nike и го раскина договорот на филипинската боксерска ѕвезда Manny Pacquiao, откако тој јавно ги навреди хомосексуалците, изјавувајќи дека тие се „полоши од животни“.

„Ги сметаме коментарите на Pacquiao за одвратни. Nike силно се спротивставува на дискриминацијата од каков било вид и има долга историја на поддршка за правата ма ЛГБТ-заедницата. Повеќе немаме врска со Manny Pacquiao“, се вели во официјалното соопштение на познатиот бренд.

37-годишниот боксер, кој се кандидира за место во парламентот на Филипините како конзервативен христијанин, ја дал изјавата во снимка постирана на страницата посветена на изборите на телевизијата ТВ5.

„Тоа е општо познато. Гледате ли животни како се парат со истиот пол? Животните се подобри, затоа што можат да разликуваат машко од женско. Ако мажите се парат со мажи и жените се парат со жени, тие се полоши од животни“, изјави осумкратниот светски шампион Pacquiao, кој подоцна се извини, откако прво ја бранеше изјавата како „вистина која стои во Библијата“.

Најпопуларниот геј комичар во земјата, Vice Ganda постираше хаштаг #PrayForMannyPacquiao на неговите 6.7 милиони следачи на Твитер и му одговори на боксерот:

„Некои луѓе мислат дека можат да судат како Господ, само затоа што биле на молитва и ја прочитале Библијата. На Парламентот му требаат експерти за политика и право, а не слепи пророци“, напиша Ganda.