Ни требаат нови закони за заштита на нашите мисли

Во модерното капиталистичко оштество, сè поголем проблем претставува заштитата на личните податоци.

Секојдневно дознаваме за нови начини како големите компании и електронските мрежи доаѓаат до начини да складираат информации од нашите онлајн активности со цел монетизирање на нашите навики.

Единствено се чини дека само нашите мисли остнуваат приватни. Но, не за долго.

Двете најголеми технолошки компании денес, Фејсбук која е во сопственост на Марк Цукерберг и Неуралинк на Елон Маск, најавија дека работат на технологија која може да ги чита нашите мозочни активности и да ги снима мислите. Покрај нив, многу други помали компании изјавија дека работат на истражувања поврзани со овој вид технологија.

Иако ваквите идеи сега за сега изгледаат како научна фантастика, технологијата во овој домен напредува многу побрзо од што навидум ни се чини.

Мозочни импланти кои им овозможуваат на пациенти со парализа да користат компјутери или да контролираат вештачки роботски екстремитети веќе одамна се реалност.

Овие напредоци, без разлика што нудат огромни придобивки, неизбежно поттикнуваат големи етички дебати. Потенцијалната можност за злоупотреба на ваквата технологија е огромна и од нас бара што поскоро да ги преработиме законите за заштита на личните податоци со нова „јуриздикција на мозокот“.

Неколку држави веќе започнаа да разгледуваат идеи како би ги реформирале законите на ова поле. Меѓу првите е Чиле каде во ноември парламентот треба да гласа по два предлози за нови закони кои ќе ја постават заштитата на мозочни податоци на исто ниво како и заштитата на личните податоци.

Во Европа, ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) годинава треба да издаде нови правила за регулација на мозочните податоци.

Еден од клучните луѓе во борбата за законска заштита на овој вид информации е Марсело Иенка, научник и истражувач кој работи во ЕТХ Цирих, еден од најдобрите светски технолошки универзитети.

„Загрижен сум за комерцијализација на мозочните податоци на пазарот. И тоа не зборувам за злоупотреба во некоја далечна иднина. Веќе имаме голем број на случаи денес каде луѓе ги разменуваат своите мисли и мозочни активности за услуги од приватни компании“, вели тој.

Иенка, меѓу другото, ги спомнува гејминг индустријата каде се појавуваат игри кои, наместо со традиционални конзоли, ги играте со импланти кои ја читаат мозочната активност. Исто така ги спомнува и апликациите кои преку различни уреди ги снимаат вашиот мозок додека спиете со цел да ви помогне да добиете полесен сон.

Ова се повеќе наведува различни дистописки сценарија кои, доколку не ги регулираме на време, во блиска иднина ќе станат реалност. Иенка заклучил четири основни закони кои секој устав мора да ги усвои во најскор можен период.

Првиот треба да овозможи на индивидуата слободно да одлучи дали сака да користи невротехнологија, односно дека никој не може да ви наложи да користите било каков уред кој ги евидентира вашите мозочни активности.

Понатаму го спомнува правото на секој човек да може слободно да ги задржи мозочните податоци за себе или да ги сподели со јавноста. Ова би станало најочигледен проблем во случаи кога државата и министерствата за безбедност евентуално би користеле ваква технологија во распити и истраги на луѓе осомничени за криминални дела.

Третиот се однесува на правото никоја индивидуа да не смее на било каков начин да биде физички или психички повредена од страна на невротехнолошки уред.

И, на крај, Иенка заокружува со правото на секој човек да биде заштитен од неавторизирани промени во својата свест. Во пракса, ова е инспирирано од еден случај во кој жена која страдала од епилепсија, на која и бил вграден имплант од страна на приватна компанија кој и помогнал да ги смири симптомите на нејзината болест.

Меѓутоа, подоцна компанијата банкротирала и имплантот морал да биде остранет. Ова предизвикало сериозен проблем во благосостојбата кај пациентот која по операцијата изјавила дека „Се изгубила себеси.“.

Тешко е да се каже дали правата и законите на Иенка, ОЕЦД или Чиле ќе ги контролираат ефикасно ризиците на невротехнологијата. Но, со оглед на брзото развивање на оваа технологија, сè повеќе се чини дека ни требаат нови закони кои ќе нè заштитат од неа.

Меѓутоа, интересот кај пратениците на оваа тема е сè уште мал и ако чекаме уреди како Фејсбук или Неуралинк да го достигнат пазарот за да почнеме да реагираме, може да биде предоцна.

Извор: Сигал Семјуел за Vox