Нема одлука за отворање на училиштата, во игра три модели за почетокот на учебната година

Конечна одлука по состанокот со Комисијата за заразни болести за начинот на наставата за претстојната учебна година се уште нема, а во меѓувреме продолжуваат консултациите на меѓуресорско ниво и на ниво на Владата, соопшти на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Арбр Адеми.

На состанокот било дискутирано за начинот на организирање и реализирање на наставата во новата учебна година, а како што посочи Адеми уште еднаш се разгледани моделите подготвени за организирање на наставата.

„Вчера за ова прашање и за моделите дискутиравме и на седница на Владата и можам да кажам дека во последниот период во повеќе наврати на оваа тема дискутираме, се со цел да го најдеме најсоодветниот модел, земајќи ја предвид епидемиолошката состојба и на ниво на државата, и на ниво на општините“, рече Адеми.

МОН, како што посочи министерот, нуди три модели, односно, организирање на наставата со физичко присуство, далечинско учење со онлајн настава и комбиниран начин на организирање на наставата.

„Во МОН преовладува мислење дека треба да се организира настава со физичко присуство, но секогаш имајќи ја предвид епидемилошката состојба и условите во училиштата. Тоа значи дека секаде каде што ни дозволува епидемиолошката состојба да се организира настава со физичко присуство и секаде каде има услови да се организира наставата со физичко присуство, тогаш би требало да се организира наставата на таков начин“, рече Адеми.

Тој потенцираше дека ставот на министерството е јасен, односно, дека нема замена за наставата организирана со физичко присуство, но, додаде дека треба да се води сметка за здравјето на учениците и за епидемиолошката состојба.

Независно од тоа кој модел ќе се избере, додаде тој, одлуката може да трпи промени зависно од епидемиолошката состојба. Промени, рече, може да се случат и на еден ден пред почетокот на учебната година. Истовремено, дополни, за дел од промените ќе бидат потребни законски измени, за што ќе треба да профункционира Собранието.