Неизвесна иднината на Охридскиот атлетски маратон

По одржувањето на 33-тото издание на Меѓународниот охридски атлетски маратон, неизвесна е иднината на овој традиционален маратон, соопштуваат од Здружението Охридски атлетски маратон 2012 преку објава на Фејсбук.

Од здружението се со став оваа традиционална трка повеќе да не се организира, доколку не се исполнат наведените основни услови.

Една од причините која се наведува е неизвесноста со институциите, околу финансиските средства за одржување на манифестацијата.

Почитувани Маратонци,Атлетичари,Љубители на Атлетиката и Општествено одговорни личности,После 33-тото успешно издание…

Posted by International Athletic Marathon OHRID on Monday, 9 September 2019

„Во сите овие 15 години од 2004-та навака секогаш сме во неизвесност со институциите, ќе дадат или нема да дадат средства за одржување на оваа традиционална манифестација, и до последен момент не сме знаеле колку ќе бидат иако сме поднесувале апликации на време. Се случувало од Општина Охрид да ни дадат и 20.000 денари да не знае човек што да прави, да им ги врати назад и да ги прави резил насекаде или не. За ваква организација стално укажувавме години наназад дека се потребни повеќе од 15.000 евра од кој од институциите баравме барем 5.000 сигурни средства, зарем тоа е многу? Зарем бараме леб преку погача ? Зарем оваа традиционална манифестација е наша приватна забава па може и со трошките што ќе ни ги фрлат да бидеме задоволни?“, прашуваат преку објавата на Фејсбук.

Додаваат дека многупати досега, вложувале лични средства за одржување на оваа традиција.

„Секоја година се обраќавме до наши пријателски компании и веќе им здосадивме на сите така што некои почнаа да не избегнуваат. Пробувавме на многу начини да им се оддолжиме, но меѓу нас нема маркетинг менаџери и знаеме дека тоа е голем недостаток. Ние сме вљубеници во атлетиката и ентузијасти, но маркетингот е многу потребен и тоа го сфаќавме и стоевме отворени за било какви предлози, но не дојде до тоа. Свесни сме дека треба да влезат млади и свежи сили во оваа организација кои малку попрофесионално ќе се посветат на ова“, објаснуваат од таму.

Од здружението напоменуваат дека повеќето членови се повозрасни луѓе, кои поголем дел се зафатени со приватни бизниси, а одвојуваат време за да се посветат на организацијата, за која на крај, велат, никој не ја цени.

„Нека ни одреди институцијата која ќе застане зад нас помлади државни службеници кој дел од своето работно време ќе можат да го посветат во организацијата на овој настан и овој настан ќе цвета, а не да се прашуваме дали да продолжи или не оваа традиција“, се додава во соопштението.

Од 2018 година, забележуваат дека институциите им „натовариле“ уште една обврска за обезбедување на патеките, која дополнително ги чини од 1.000 до 1.500 евра, за која велат дека претходно ја немале. Со тоа ги довеле во позиција во која не можат да се запрашаат, за како што велат, за кој и како си го губат времето.

„Зарем нашите фамилии не заслужуваат како многу други денот на Независноста на нашата држава да го прослават во некој друг амбиент освен овој со максимален ангажман, непреспиени ноќи и огромни главоболки со недостаток на основниот дел од средства, со вечита борба и молење на волонтери како нас да помогнат без било каква надокнада – за една маица или сендвич, па не сме фер и спрема нив“, објаснуваат од таму.

Потенцираат дека Охридскиот атлетски маратон може да продолжи да се одржува под „капата“ на здружението Атлетски клуб Охрид или некое друго здружение, но објаснуваат дека наведените основни услови мора да се исполнат.

„Основно е да застане институција со договор за минимално 5.000-6.000 евра годишно загарантирани средства со кој би се покривал наградниот фонд и дел од другите обврски. Предлагам и се слагам со изјавите од многуте маратонци дека заедно треба да извршиме притисок за да не замре оваа традиционална трка, која многумина едвај чекаат да дојде. Значи традицијата може да продолжи но под наведените услови“, се завршува во соопштението.