Поранешни ученици од скопската гимназија „Орце Николов“ самоиницијативно решија да организираат средба со своите врсници, на која преку неформален муабет ќе споделат информации и совети за студирање во странство.
На средбата ќе се зборува за начинот на аплицирање, можностите што ги нуди образованието во странство како и потребните квалификации.
Тие се решиле да го организираат овој настан, бидејќи како што велат се случува да нема кој да ги информира средношколците, или да им помогне при аплицирањето и да ги води во вистинските насоки.
„Матуранти кои неодамна го поминаа овој процес и ги примија на едни од најдобрите светски факултети, се тука да ги споделат своите искуства и сите потребни информации и прашања кои ги имате“, стои во поканата за настанот.
Средбата ја организираат поранешните ученици од оваа гимназија Јаков Павловиќ, Мелпомение Гуиссоуегоу, Леон Ристов, Александар Пенчиќ и Ања Коцевска.
За учество потребно е да се пополни следниот формулар.
На средбата се повикани сите ученици, како и нивните родители. Настанот ќе се одржи во сабота (24 јуни) од 12 часот.