Недостиг на учебници во гостиварските училишта

Со почетокот на учебната година во гостиварските средни и основни училишта евидентиран е недостаток од 2.500 учебници. Тоа значи дека на секој четврти ученик му недостасува по една книга за некој од училишните предмети.

Недостиг на учебници во гостиварските училиштаНајголем број учебници недостасуваат во гостиварската Гимназија, каде што за непречено одвивање на наставниот процес потребни се повеќе од 1.000 учебници.

„Навреме доставивме барање до Министерството за образование за пополнување на бројот на учебници за Гимназија и за Медицина. Исто така, доставивме и дополнително барање за учениците што направиле трансфер од други училишта, затоа што станува збор за недостаток од над илјада учебници“, вели директорот на гимназијата, Џези Камбери.

Од Министерството за образование и наука убедуваат дека по основа на оштетеност или поради зголемен број на запишани ученици во училиштата, фондот на учебници секоја година се обновува.

„Дел од училиштата по заокружување на процесот на екстерното тестирање доставија дополнителни списоци на учебници, кои им се потребни, а кои недостасуваат поради некој од наведените основи, за што министерството спроведува постапка за набавка и тие во скоро време ќе бидат дистрибуирани до училиштата, односно до учениците, со што остануваме доследни на концептот за обезбедување на бесплатни учебници за секој ученик веќе петта година по ред“, изјави Давор Политов од Министерството за образование и наука.

Во десетте основни и трите средни училишта во Гостивар настава следат околу 11 илјади ученици.

Г.М.