Не можам да дишам! – Скопјани протестираат за воздух

„Ставете налепници на тешката индустрија“, „Не можам да дишам!“, „Чист воздух, здрави деца“, „И ти го дишеш истиот воздух“, се само дел од пораките кои ги испратија скопјани пред бараките во кои е сместена градската власт и Инспекторатот.

Фото: Фејсбук

На протестот организиран на социјалните мрежи, како знак на револт од енормното аерозагадување во градот, присутните побараа итно справување со проблемот наместо козметички мерки.

Со протестот се бара ставање ред и казни за големите индуструски објекти дури не воспостават еколошки стандарди, итно и безбедно отстранување на опасниот линдан од Охис, спречување на градежната експанзија. Проблемот со автомобилите, работата на депонијата Дрисла, грејните средства на БЕГ, зеленилото во Скопје, гасификацијата на градот, беа споменати како дел од проблемите кои треба да бидат приорит за градските власти.

Срамно е, велат присутните, тоа што се предвидени само 1,5 милион евра за борба со загадувањето.

Фото: Небојша Гелевски Бане

Од вчера и со петиција на интернет беше побарана нула толеранција за загадувањето и непочитувањето на правото на живот.

„Република Македонија, како потписник на сите меѓународни документи за заштита на човековите права, има обврска да ги почитува, заштитува и унапредува условите за реализација на човековите права. Оваа обврска бара државата да преземе соодветни законски, административни, буџетски, судски и други мерки во правец на целосна реализација на човековите права. Во таа насока, ја повикуваме државата да ги исполни обврските во однос на почитување на основното право, правото на живот воведувајќи итни мерки за намалувањето на загадувањето кое диретно влијае на здравјето на луѓето и нивниот живот“, стои во петицијата.