„Не е страшно, обичен брис“ – Од утре ќе се бара согласност од родителите за Ковид-19 тестирање на учениците

Од утре ќе се бара писмена согласност од родители на ученици во основните и средните училишта за тестирање за Ковид-19.

Ова денеска го најави министерот Венко Филипче, објаснувајќи дека процесот доцни една недела поради тоа што анализата на бројот на ученици одзела подолг период. Тој прогнозира дека до следната недела ќе се проведе скринингот, кој треба да опфати 8 200 ученици.

„Се знае колкава бројка, во кој од класовите, во кои училишта, согласно бројката на училиштата во општините и ученици во тие училишта, основни и средни се опфатени. Верувам дека тоа ќе биде брзо затоа што преку електронскиот дневник ќе се прави и имаат можност родителите веднаш да одговорат. Апелирам да го прифатат скринингот. Не е тоа ништо страшно, обичен брис се зема кај децата и исто како и брисевите за детектирање на други причинители на горно респираторни инфекции со цел да имаме за пократко време, да имаме еден пресек, една слика“, рече Филипче.

Министерот уверува дека епидемиолошката ситуација сега е прилично мирна. Како што посочи, нема податоци за трансмисија во училиштата, но според него е важно да дознаат дали евентуално би се откриле асимптоматски носители на вирусот кај децата.

Филипче смета дека има доволна количина на тестови. За следните чекори, посочи тој, ќе се одлучува врз основа на резултатите од скринингот.

Е.П.