„Назад во клупа“ – Струмички средношколци излегоа на протест

Средношколци од Струмицаат денеска побараа да се вратат во училишните клупи. Со слоганите „Назад во клупа“ и „Неписменоста е полош вирус“, тие го изразија своето незадоволство од одлуката за продолжување на онлајн наставата во новата учебна година.

Протестот се одржа на струмичкиот плоштад од каде ги упатија своите пораки до надлежните.

Според нив, вистинскиот проблем ќе настане кога младите ќе ја изгубат вербата во образовниот систем.

„Бараме да се вратиме назад на настава бидејќи сите знаеме колку онлајн наставата е ефикасна и колку секој од нас го поседува потребниот електронски уред за функционирање со истата. Затоа ова е повик до надлежните да го слушнат нашиот глас и да го слушнат нашето мислење,бидејќи во спротивно ќе ја убијат желбата за напредок и ќе ни ја закопаат иднината со тоа“ рече една од средношколците на протестот.

Тие најавија и дека ќе продолжат со протестите ако не се прифатат нивните барања.

Во понеделник, пак, во Скопје е закажан протестот на Сојузот на средношколците, преку кој ќе го искажат нивното незадоволство од одлуката за имплементирање на онлајн наставата.