Настан за собирање средства за БОШ фестивал

Гевгелискиот фестивал БОШ, еден од постарите, алтернативни фестивали во државата, кој досега одржа шест изданија, годинава се самофинансира, соопштуваат организаторите. Од тие причини, фестивалот ќе одржи забава за собирање на средства во сабота, во клубот „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија, со почеток од 21:30 часот.

„Да помогнеме и ние овој фестивал да се реализира, да го прослави својот седми роденден, а и уште многу други родендени! Бидејќи знаеме како одат работите – само со заедничка поддршка ќе успееме да излеземе од досадното секојдневие!“, велат организаторите. 

Фестивалот претставува мултимедијална платформа низ која се слави креативниот израз во урбан контекст. Целта е создавање на еден несекојдневен и неконвенционален јавен простор.

„БОШ постои и се случува поради волјата и ангажираноста на група млади луѓе (или дисиденти, како милуваат да ги наречат општинските пајташи) од Гевгелија кои сакаат да променат нешто во својот град, а се соочуваат со класичните бирократски општински апсурди кои ни се познати и нам овде. Нешто не е во ред кога „празијади”, „пифтијади” и разни други “-ЈАДИ” се побитни од настани кои ги будат младите од пасивност и летаргија.

БОШ е „инвазија врз духот“, акт за маркирање на културно-естетска, „слободна територија!“ БОШ е и фузија и конфузија, и сензибилизација и вулгаризација!

БОШ е меѓупростор кој поврзува, во потрагата по своето време и потреби…

БОШ е светилник кој сигнализира дека нешто се случува во една мала средина гладна за настани надвор од шаблонот“, стои во најавата на настанот.