Наскоро Денови на кариера во организација на АИЕСЕК и Економски факултет

Од 1 април на Економскиот факултет ќе се одвива 19 издание на „Денови на кариера”, настан кој од 1996 година им помага на младите луѓе да дојдат чекор поблиску до вработување, но и да стекнат искуство.

Овој проект, кој низ годините постојано е организиран од млади ентузијасти – волонтери, оваа година се е во соработка помеѓу АИЕСЕК Скопје и Економскиот факултет.

Настанот е составен од два дела: Саем на компании и Едукативен семинар. Саемот ќе се одржи на 1 април во аулата на Економскиот факултет со почеток во 10:00 часот. Има за цел да овозможи интеракција меѓу студентите и претставниците од компаниите и да овозможи шанса студентите од прва рака да дознаат повеќе за програмите за пракса или вработување кои ги поседуваат компаниите.

Едукативниот семинар, за разлика од минатите години, има ставено поголем акцент на проактивноста на младите, на нивните лидерски способности, но и на општо развивање на потребните компетенции кои треба да ги поседуваат како услов за поуспешна кариера. Овогодинешниот слоган „Не прави snooze, оствари го сонот!”, потенцира на потребата младите да се вклучат активно во процесот на планирање на својата иднина и искористување на сите можности и привилегии кои може да ги стекнат додека се уште се студенти.

За повеќе информации околу овогодинешната агенда, но и начинот на аплицирање, посетете го веб-сајтот www.careerdays.org.mk или пак нивната Фејсбук-страница.

Извор