Нашите болници се распаѓаат – Идните медицинари му се пожалија на евроамбасадорот Жбогар

Недостигот на книги и лошите преводи од македонски на албански јазик, квалитетот на образованието, но и отселувањето на младите од земјава,  беа главните теми околку кои се водеше денешната дискусија на евроамбасадорот Самоил Жбогар со учениците од средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје.

Учениците пред дипломатот отворено зборуваа за своите проблеми, објаснувајќи дека младите си одат бидејќи тука немаат услови за напредок додека се борат со егзистенцијалните проблеми. Оние кои се одлучни да останат во земјава, велат дека тоа го прават само заради своето семејство.

„Ако немав семејство, јас сериозно ќе размислував да си одам од тука. Но, го имам семејството, и не можам да го напуштам. Нашите болници се распаѓаат, толку е лошо. Место да прават скулптури од други луѓе, зошто не направат болници и школи, работи кои ќе ни требаат, а не скулптури кои само стојат и не се за ништо. Навистина сметам дека нашите градоначалници и политичари не смеат да крадат од нас, а тие крадат месец по месец “, истакна една од присутните средношколки пред евроамбасадорот Жбогар.

Други се согласија со својата соученичка и се осврнаа на квалитетот на образованието, неопремените лаборатории во школото, но и лошиот едукативен систем кој ја спушти земјавата на дното на ПИСА листата.

„Луѓето кои имаат потенцијал не остануваат тука бидејќи сѐ се распаѓа“, додаде идна медицинска сестра. Учениците алармираа дека поголем дел од буџетот го користат за  фотокопирање книги, укажувајќи дека цела генерација има проблем со недостиг на учебниците.

Евроамбасадорот ги ислуша и забележа дека дека генерациите се менуваат.

„Кога бев на ваша возраст, не знаев така добро да се изразувам себе си за темите, проблемите за себе. Сега, каде и да отидам во средните школи го видов истото. Начинот на којшто вие ги рефлектирате проблемите врзани со вас, но и со светските теми, е неверојатно. Новата генерација е дефинитивно поинаква од нашите генерации. Можеби не сте го научиле тоа низ образовниот ситем, иако сте сакале, но очигледно дека ги имате информациите и вашиот хоризонт се шири“, забележа евроамбасадорот Жбогар.

Тој истакна дека младите мора да бидат самоуверени и да ги предизвикуваат политичарите.

„Жал ми е за сето ова што го чув денеска за образовниот систем. Но, доаѓаат избори, а изборите секогаш се време кога може да ги предизвикате кандидатите да зборуваат за темите кои ви се важни. И да дадат конкретни ветувања – како ќе направат поместување од седумдесеттото место на ПИСА погоре, како ќе ги подобрат болниците, како ќе се справат со загадувањето… Но конкретни мерки, не само стратегии или нови закони. Ова е ситуација која не може да се смени преку ноќ, но ми се допаѓа што и тука гледам дека има такви кои се подготвени да се борат за подобра држава“, рече евроамбасадорот.

Вакви дискусии се одржаа во повеќе македонски градови, на кои младите ги споделуваа своите ставови и прашања и добиваа повеќе информации за начинот на кој функционира ЕУ. Настанот беше организиран во склоп на Проектот за младинско изразување на МОФ, финансиран од Европската Унија.

Ј.Ј.