НАкС до просветните работници: Борбата за подобри услови за работа и повисок стандард мора да продолжи

Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, воедно и патронен ден на најстариот универзитет во државава и на сите просветни работници, оваа година се дочекуваат во невообичаени околности – вонредна состојба, затворени училишта и факултети поради кризата предизвикана од корона вирусот.

Според Независниот академски синдикат, ефектите од коронавирусот повторно ги исфрли на виделина наталожените проблеми во сите степени на образованието и науката во земјата.

„Недостаток на информатичка опрема, речиси никаква дигитализација на едукативните и научните ресурси, непостоење на однапред подготвени процедури и протоколи за работа на управните тела на образовните институции во случај на криза од каков било вид. Образовните институции и кадарот се препуштени да импровизираат во on line наставата, неретко без институционална поддршка и меѓусебна координација. Сепак, како што стручните лица во медицинските установи со натчовечки напори ги вложуваат сите свои знаења за да се справат со ситуацијата, така и професорите и наставниците, заедно со студентите и учениците даваат сè од себе да одговорат на предизвиците“, сметаат од НАкС.

Тие реагираат што Владата, наместо да го поддржи научно-образовниот систем, се обидела да ги скрати платите во високото образование и науката.

„Потценувачкиот однос кон образованието кулминираше со ставот на министерот Арбер Адеми, кој во време додека се отворени коцкарници и трговски центри, а се планира и одржување избори, го забрани испитувањето на студентите во живо, а потоа ретерираше под притисок на јавноста. Дали е нужен притисокот на јавноста за владата да ја разбере улогата на образованието во нашето општество?“, прашуваат од Независниот академски синдикат.

Тие порачуваат дека крајно време е образованието и науката да се стават во прв план и државата да сфати дека поддршката и вложувањето во овие дејности е најисплативата инвестиција што може да се направи на подолг рок.

„Таа инвестиција не претставува само издвојување финансиски ресурси, туку подразбира и создавање структури, креирање долгорочни политики, вработување на талентираните дипломирани млади луѓе, а пред сè градење систем на вредности. Само со сериозна инвестиција во образованието и науката ќе ги создадеме луѓето и изградиме капацитетите на институциите што ќе можат да се носат со бројните предизвици кои ја чекаат државата и светот. На просветните работници им го честитаме празникот и патрониот ден, потсетувајќи дека борбата за подобри услови за работа и повисок стандард мора да продолжи. За да бидеме успешни во таа борба мора да бидеме паметни, истрајни, но пред сè, обединети!“, гласи пораката на НАКС.

Претходно, со свои пораки за Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј излегоа и Владата и Претседателот Стево Пендаровски.

„Во време кога се соочуваме со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, и кај нас и во светот се наметнува неопходност за една нова нормалност со поинаков начин на функционирање, вклучително и во образованието. А токму наследството кое ни го оставија Светите браќа Кирил и Методиј не потсетува и обврзува на потребата од визионерство во организирањето на образовниот процес преку употребата на алатки што ги нуди современата технологија. Светите браќа како покровители на просветните работници се инспирација и за нивната работа, како и за работата на образовните институции во нови услови, за да се оствари едукативниот процес за секој ученик и во оваа вонредна состојба и во оваа прилика упатувам честитки до сите вклучени во овој процес“, стои во пораката од Владата.

Претседателот на Пендаровски, пак, се осврна на дејноста на овие браќа, нивната азбука, книги, но и како што посочи „животопис исполнет со давање и трпение, со скромност, благородност и непресушна верба“.

„И по повеќе од 11 векови од нивното земско битисување делото на Кирил и Методиј е се уште живо. Во 21 век, мајчиниот јазик и неговата употреба е основно човеково право кое е универзално почитувано. Од самиот почеток, како држава, се определивме да гледаме кон иднината, верувајќи во демократските вредности и работејќи за благосостојба на сите наши граѓани. И денес сме подготвени да подадеме рака и да го делиме местото под сонцето со сите и со секого, низ взаемно почитување, пријателство и градење заедничка иднина врз основа на демократските принципи зад кои безрезервно стоиме“, гласи пораката на Пендаровски.