Најмалку 15 лица повредени во експлозија во Кабул

Најмалку 15 лица се повредени во експлозија во центарот на авганистанската престолнина Кабул, јави новинската агенција Асошијетед Прес.

Како што се наведува, сè уште не е познато што ја предизвикало оваа експлозија. Одговорноста засега никој не ја презел, а талибанските власти не се огласија за инцидентот.

Ова е прва експлозија во главниот град на Авганистан по неколку месеци, откако талибанците ја зајакнаа безбедноста во поголемиот дел од земјата откако дојдоа на власт во август, а нивните војници поставија десетици контролни пунктови низ градот.

Најголемата закана со која се соочуваат Талибанците доаѓа од вооружената група Исламска држава во авганистанската провинција Хорасан (ИСИЛ-К), иако тие ја поразија во нејзиното упориште во источен Авганистан.