Најлоша ноќ во Турција, стотици ранети во акцијата на полицијата

Најлоша ноќ во Турција, стотици ранети во акцијата на полицијатаСтотици антивладини демонстранти изминатата ноќ беа ранети откако турската полиција употреби прекумерна сила за да ги истера од паркот Гези во Истанбул, соопшти денеска групата што ги организираше протестните активности – движењето „Солидарност за Таксим“, пренесе ДПА.

Полицијата по наредба на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, од паркот избрка над 10.000 демонстранти, во акција што почна синоќа, а во која употреби водени топови и солзавец.

Сведоци на настанот тврдат дека неколку стотици полицајци упаднале во кампот од шатори на демонстрантите во Гези на плоштадот Таксим.

Од движењето „Солидарност за Таксим“ изјавуваат дека силите за безбедност прекумерно употребиле и гумени куршуми и солзавец и посочија дека во паркот имало жени, деца и возрасни луѓе.

Движењето оваа полициска акција ја оцени како злосторство врз човештвото.

Активистите инсистираат полицијата да престане да им пречи и на работата на лекарите, кои доброволно им укажуваат помош на демонстрантите, информира ДПА.

Турските демонстранти вчера посочија дека нема да се повлечат од паркот Гези во Истанбул и покрај повикот на претседателот Абдула Ѓул да го прекинат протестот и ветувањето на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган дека ќе се спроведе референдум во врска со плановите за реконструкција на паркот.

Протестите кои најпрвин започнаа како протести за одбрана на паркот Гези, се масивизираа низ цела Турција а демонстрантите бараат оставка од Владата на Ердоган и обвинуваат дека во земјата владее диктатура.

-Секој кој протестира на плоштадот Таксим ќе биде сметан за терорист, изјави синоќа во телевизиско интервју турскиот министер за ЕУ,Егемен Багаш, посочува турскиот весник на англиски јазик „Хуриет дејли њуз“.