Награди за средношколците победници на натпреварот „Лидер на струка 2019“

Министерството за образование и наука (МОН) денес ги додели дипломите на учениците победници на натпреварот „Лидер 2019“, со што тие официјално беа прогласени за лидери мешу врсниците во својата струка.

„На натпреварот кој се организира веќе шеста година по ред помеѓу ученици од завршните години во средните стручни училишта, натпреварувачите го презентираат своето теоретско и практично знаење од струката која ја изучуваат и тоа најпрво на ниво на училиште, а потоа и на државно нив“, велат од МОН.

Оваа година се прогласени средношколски лидери во 9 струки, во колку што и се пријавија ученици за натпреварување. Покрај дипломата, секој ученик – лидер на струка, како и наставникот кој го подготвувал за натпреварот ќе добие и парична награда од МОН во висина од 10.000 денари.

„Им честитам на сите победници на натпреварот и им посакувам уште многу успеси и понатаму во текот на образованието, а и потоа, што е уште поважно. Тоа што го научиле, а научиле многу, со оглед на освоените први места, посакувам да им донесе стабилен и високо платен работен ангажман во иднина“, рече министерот Арбер Адеми, додавајќи дека натпреварувачкиот дух е многу важен за полесенo чекорење на патот кон успехот.

Адеми потенцираше дека ќе се заложи натпреварот и во иднина да се организира на највисоко ниво и со учество на што поголем број ученици, а исто така најави и продолжување на планот за континуирано унапредување на квалитетот на стручното
образование и обука, за кое, како што рече, нуди голем просперитет за секој кој ќе одлучи за се образува во некоја струка со оглед на дефицитарноста.

Оваа година во рамки на натпреварот ‘Лидер’ првите места ги освоија Бранкица Несторовска од СОУ Добри Даскалов“ од Кавадарци во економско – правна и трговска струка, Марија Гуџевска од ОСУ ‘Ацо Русковски’ – Берово во текстилно – кожарска
струка, Ангел Насев од битолското средно училиште ‘Ѓорѓи Наумов’ во електротехничката струка, Марко Лазаревиќ од ‘Димитрија Чуповски’ – Велес во хемиско – технолошката струка, Ријад Бавќари од АСУЦ ‘Боро Петрушевски’ – Скопје во машинската струка, Дарко Наумовски од ОЕМУЦ ‘Св. Наум Охридски’ – Охрид во сообраќајната струка, Ангел Атанасов од струмичкото средно училиште „Никола Карев“ во градежно – геодетската струка, Дарко Јованов од СОУ ‘Кочо Рацин’ во Св.Николе во земјоделско – ветеринарната струка и Стефан Аврамоски од „Ванчо Питошески“ во Охрид во угостителско – туристичката струка.