Над 60 луѓе се водат за исчезнати по експлозијата во Бејрут

Повеќе од 60 лица се водат како исчезнати во неодамнешната експлозија на магацин со амониум нитрат во пристаништето во Бејрут, соопшти либанското Министерство за здравство, пренесува „Н1“.

„Бројот на загинати е 154, од кои 25 се уште не се идентификувани“, велат од Министерството, додавајќи дека по 60 лица што исчезнале, се уште се трага.

Министерството соопшти дека во експлозијата, што се случи во вторникот, повредени се повеќе од 5.000 лица, од кои 120 се уште се во критична состојба.

Ново објавените документи покажуваат дека неколку владини агенции во Либан биле информирани за амониум нитратот, кој бил складиран во пристаништето во Бејрут, вклучително и Министерството за правда, пишува Си-Ен-Ен.

За утре е закажана меѓународна донаторска конференција со цел да се собира итна хуманитарна помош за населението во Бејрут.

По експлозијата, граѓани излегоа да протестираат бесни поради несовесноста на власта по големата несреќа која разнесе огромен дел од градот. Катастрофата би можела повторно да ги активира демонстрациите низ целата земја кои избија во октомври минатата година, но се намалија поради пандемијата со коронавирусот.