Над 350 настапи и 2.000 учесници на новото издание на Amsterdam Dance Event

Оваа година, Радио МОФ има можност да известува од 21. издание на Amsterdam Dance Event (ADE), кое започнува денеска и трае до 23 октомври. Целиот настан е составен од три делови – Playground, Festival и Conference.

ADE Playground е специјализирана платформa во која се вклучени голем број  на културно уметнички настани, како изложби, интерактивни презентации, проекции на филмови, изненадувања распространети на повеќе од 45 локации. ADE Playground се вбројува како најголем настан од ваков тип во светот.

ADE Conference вклучува голем број конференции на кои се дискутира за електронска музика, нејзиниот развој и правци во иднина. Самата ADE Conference е поделенa на повеќе програми како ADE University, која има за цел да ги инспирира и да им пренесе знаење на млади диџеи од Холандија и светот.

Меѓу другите приограми е и ADE Sound Lab. Се работи за повеќедневна програма каде се дискутираат и демонстрираат најновите достигнувања во сферата на озвучувањето, аудио – визуелните ефекти и иновативните начини за креирање музика на идното време. Во програмата учествуваат голем број докажани имиња во светот на електронската музика. Програмата е организирана во соработка со Creative Industries Fund NL.

Tретата платформа, која воедно е и најинтересна за пошироката публика е ADE Festival.

Вo 5 денови, на повеќе од 100 локации (клубови и прилагодени јавни површини) распространети низ разни делови на Амстердам се организираат повеќе од 350 настани на кои настапуваат близу 2.000 лица. Предвидени се уметнички поставки, изложби, музички изведби… Делот именуван како фестивал се однесува на сите настани (журки, промоции) каде настапуваат најголемите имиња од техно – денс сцената.

Инаку, настанот традиционално се одржува секоја трета недела од месец октомври.

Програмата за ADE може да се види на следниов ЛИНК.

Александар С. и Огнен Т.