На Водно се спроведува акција за чистење на планината – „В џеб, ако нема каде друго“

По јулската акција, групата млади од различна етничка припадност, во организација на Движењето ЛЕАД, денеска од 13 часот спроведуваат нова, четвртата акција за чистење на Водно од отпадоци.

Овој пат, низ патеките ќе се постават и дрвени табли со слоганот на оваа акција „В џеб, ако нема каде друго“.

„Падините на Водно често се посетувани од страна на граѓаните кои сакаат да избегаат од загаденото Скопје. За жал, сè повеќе се наталожува отпадот кој го оставаат насекаде несовесни граѓани. ’В џеб, ако нема каде друго’ треба да им ја подигне свеста на граѓаните отпадоците да не ги фрлаат каде што ќе стигнат, а во недостаток на корпа за отпадоци, отпадокот да го причуваат до првата на која ќе наидат“, велат иницијаторите на „В џеб, ако нема каде друго“.

Целта на акцијата е кревање на јавната свест за животната средина, но и за меѓуетничката соработка. Таа е дел и од програмата Европска недела на мобилност, организирана од Град Скопје, која годинава се спроведува под мотото Паметна и одржлива мобилност – влог за Европа.

Проектот „В џеб, ако нема каде друго“ е поддржан од програмата Цивика Мобилитас.