На секои десет часа умира по едно дете во војната во Сирија

На секои десет часа во Сирија, како резултат на војната умира по едно дете, пишува „Дер шпигел“, а пренесува „Индекс.хр“. Меѓународниот фонд на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) проценува дека 2.8 милиони деца не одат на училиште, а многу од нив никогаш не ни почнале. Тие ја повика јавноста и владите на државите да не ги оставаат на цедило децата во Сирија, земја погодена од војна цели девет години.

„Можеби хуманитарната помош не може да ја прекине војната, но може да им помогне на најслабите. Тоа е должност на човештвото“, вели Кристијан Шнајдер од УНИЦЕФ Германија.

Според истражувањето на организацијата „Спасете ги децата“ (Save the Children) кое беше објавено минатиот месец, 415 милиони деца растат во подрачја погодени од војна.

Во нивниот годишен извештај насловен „Деца против војната“, Сирија е наведена како една од најопасните земји во светот за децата. Ситуацијата таму последните неколку денови се влошува. Сирискиот претседател Башар ал Асад со поддршка на Русија ја нападна провинцијата Идлиб, последната територија во Сирија која не е под негова контрола.

Многу од болниците од средината на септември се уништени, а цивилите се беспомошно изложени на воени напади. 540 илјади деца се протерани од Идлиб, а во последните неколку недели се протерани вкупно 900 илјади луѓе.

Како што објаснуваат од УНИЦЕФ, 60% од нив се деца кои страдаат од насилство, немаат дом и им е потребна итна помош.