КСП Центар-Јадро продолжува со својата онлајн програма со серија на предавања од различни општествено релевантни теми. Овој пат, на 17 јуни (среда) со почеток од 18 часот на Фејсбук профилот ќе се одржи онлајн дискусија „Музиката во македонскиот игран филм“, по што публиката ќе може да учествува со свои коментари и прашања.
„Oткако звукот и видеото се споија на филмското платно, филмската музика е неизоставен дел од филмскиот расказ. Да се пренесе пораката на филмската музика од имагинацијата на нејзините креатори до ушите на публиката е магичен момент кој може да диктира расположение, темпо и динамика“, информираат од Јадро.
Од таму потенцираат дека музиката во македонскиот филм е тема која на академско ниво не е често обработувана кај нас.
„Влијанијата на различните правци во различни периоди и простори во македонскиот филм е тема која се уште буди интриги кај филмските зависници. Нашиот дискутант д-р Александар Трајковски пионерски со својата книга ‘Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар’ (2019) структурно го прошири оспегот на сфаќањата за филмската музика кај нас, преку пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм. Истражувањата и анализите Трајковски ги правел за потребите на неговата докторска теза ‘Филмската музика како форма на комуникација: музиката во македонскиот игран филм во периодот од 1952 до 2011 година’, која ја одбранил во 2014 година на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, под менторство на проф. Д-р Ганка Цветанова, инаку и рецензент на книгата“, се вели во најавата за онлајн настанот.
Александар Трајковски е досега има учествувано на повеќе меѓународни конференции и симпозиуми со научни трудови кои обработуваат теми од областа на музикологијата и музичката педагогија и е автор на поголем број трудови објавени во музички и културолошки списанија и научни зборници.
Автор е и на монографијата ,,70 години АКУД Мирче Ацев”, коавтор на книгата ,,Зина Креља, сопран, првенка на Операта при Макрдонскиот народен театар”, а се јавува и како дел од авторскиот тим на монографијата за режисерот Бранко Гапо. Добитник е на наградата ,,13 Ноември” за публицистика за 2019 година.