Музика, проекција на филм и промоција на книга на „Прилеп џез викенд“

На летната сцена од прилепскиот ЦК „Марко Цепенков“ од 27 до 29 август (четврток до сабота) ќе се одржува деветтиот по ред „Прилеп џез викенд“.

На програмата на 27 август ќе има проекција на „JAZZMAN – The form as a verb“, документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот, која ја раскажува Велибор Педевски, човекот кој е своевиден фокус на збиднувањата на овој творечки феномен.

На агендата истата вечер е и „Skopje Jazz Inc“, македонска џез група оформена во 2018 година. Нејзини членови се Трајче Велков (труба), Горан Гешоски (бас-гитара), Зоран Костадиновски (гитара) и Виктор Филиповски (тапани). Ги обединува идејата да создаваат, негуваат и промовираат џез музика и нивниот репертоар опфаќа авторски композиции аранжирани во стил својствен за музичките афинитети на бендот, во кои неизбежно се спојуваат традицијата и модерните текови со смел поглед кон иднината.

Наредната вечер, 28 август, ќе има промоција на книгата „Press & Play“ на Ненад Георгиевски.

Книгата претставува збир од текстови на Георгиевски за македонската музичка култура кои ги има пишувано 15 години за „Ол абаут џез“ (All About Jazz). Се работи за рецензии на изданија и концерти на различни генерации македонски музичари. Со години, вели тој, текстовите претставуваа единствен увид за тоа што се случувало креативно на музички план во Македонија, но напишано на јазик и платформа каде милиони читатели имале пристап.

 

Во музичкиот дел ќе настапи Оливер Јосифовски квартет.

Во моментов Јосифовски работи на новата музика на групата „Љубојна“ и настапува со други музичари како гостин. Креирал музика за близу стотина театарски претстави, за повеќе мултимедијални проекти, балет, анимиран филм итн. Деновиве ја заврши музиката за македонскиот филм „Стела“, кој наскоро ќе се појави во кино салите.

На „Прилеп џез фестивал “ ќе настапи со „Fussion deffusion confusion“. Проектот содржи оригинални композиции и музички стандарди од егзотичен карактер, измешани со тврд хард рок звук.

За петокот се најавени и „Светлост“, музички колектив основан во 2014 година од Нинослав Спировски, Дени Омерагиќ и Кристијан Новковски.

„Светлост“ е флексибилен ансамбл, кој основното трио го користи како платформа за соработка со повеќе музичари од различни профили. Музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект – најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика.

Последната вечер, 29 август ќе свират „Next to silence“ и „Bernays Propaganda“.

„Next to silence“ е Next to Silence е музички состав кој во својот репертоар вклучува исклучиво композиции од реномираната европска издавачка куќа ECM.

Скопските диско пост- панк активисти „Bernays Propaganda“ се дефинитивно еден од најуспешните и меѓународно признати андерграунд музичари. Досега, бендот објави четири критички проценети вредни албуми на Moonlee Records („Happiness Machines“, 2009; „My Personal Holiday“, 2010; „Забрананета планета“, 2013; „Политика“, 2016 година), повеќе пати ја обиколи Европа (повеќе од 100 концерти само во 2013 година), па дури и ги посети САД во период од шест недели во пролетта 2014 година.

После кратката пауза помеѓу 2017 и 2018 година, проширениот состав се врати во декември 2018 година со ново ЕП. 3-tracker „Ништо нема да не раздели“, и доаѓа како прилог за претстојниот албум, „Втора младост, трета светска војна“,објавен во септември 2019 година.