„Мултиоригинал“ – изложба на графики во Сули ан

„Мултиоригинал“ е уметнички проект во кој учествуваат сегашните студенти на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, а во организација на наставниот кадар. Тој ќе биде претставен утре (3 декември) во Сули ан, со почеток во 12 часот.

Проектот претставува иницијатива и првичен обид за подобра организација и осовременување на депото за графика при ФЛУ.

„Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од своето основање во 1980 година, ја негува графиката како една од основните изразни ликовни/визуелни дисциплини. Од тогаш, па до сега, на порано таканаречениот Графички оддел, а сега Катедра по графика, своето академско образование го завршиле четириесет и една генерација на академски графичари. Катедрата по графика во своето депо чува графички оригинални отпечатоци од сите свои студенти од секоја генерација и може да се пофали со најбогатата збирка на македонска графика во државата“, стои во описот на настанот.

Фото-документирањето, разгледувањето и организирањето на графичките изблици од минатите генерации студенти, на сегашните студенти им го пренесе ентузијазмот и љубовта кон професијата и ги вовлече во предизвикувачка техничко-ликовна инспирација, велат од факултетот.

Оваа изложба ги бележи првичните импресии на учесниците на дел од графиките од своите постари колеги.

Изложени се графики од депото (Кате Биновска, Даниела Андонова, Благица Николова, Надица Златкова, Дејан Стојановиќ, Валбона Муслиу, Жанета Стаиќ, Маргарита Аврамовска, Славица Јанешлиева и Стефан Јакимовски), а до нив графиките на сегашните студенти (Милена Петковска, Марија Симоновска, Марко Печеновиќ, Тамара Марчевска, Евгенија Трајковска, Сара Митковска, Викторија Калемџиевска и Стефан Јакимовски).

„Сметаме дека Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, односно Катедрата по графика, со својот стар вонвременски објект Сули ан (кој е од непроценливо културно значење), со богатото графичко депо, графичките работилници/ателјеа и малиот изложбен простор може да прераснат во значаен графички центар на државата и место за собир на љубителите на графиката и уметниците – графичари“, велат од ФЛУ.

Изложбата ќе се одржува според протоколите за заштита од Ковид-19. При влез во галеријата е задолжително носење на заштитна маска и одржување на меѓусебно растојание.