Министерството за образование продолжува во својата практика да воведува измени во сферата на образованието без да ја консултира стручната јавност и вработените во образованието. Само што успеа да го спречи остварувањето на правото на штрајк од страна на вработените во образование и воведе нови, недозволиви правила за остварување на правото на штрајк во образованието, најави воведување на екстерно тестирање во високото образование, реагира МЕСО.
Советот на Мултиетничкиот синдикат за образование на својата вонредна седница, одржана на 13 ноември 2014 година, одлучи да го изрази своето несогласување со најновите идеи на МОН за воведување екстерно тестирање во високото образование.
– МЕСО тоа го смета за најнов обид за девалвирање на членот 46 од Уставот на Македонија со кој на универзитетите им се гарантира автономија. Каква е таа автономија ако некоја комисија од МОН се поставува надредено над универзитетските професори и ги доведува во прашање оценките што тие им ги дале на студентите? Ако постојат случаи на нереално оценување на студентите поради корупција и непотизам, веќе постојат законски одредби со чија примена може да се казни таквото недостојно поведение на одредени професори, стои во реакцијата на Мултиетничкиот синдикат за образование.
Оттаму сметаат дека со воведување на екстерно тестирање во високото образование се нарушува професионалното и човечко достоинство на мнозинството вработени кои ги исполнуваат работните обврски.
– Искуството со екстерното тестирање во основното и средното образование не го оправдува неговото воведување во високото, туку негово преиспитување во основното и средното, пишува во реакцијата на МЕСО.
Мултиетничкиот синдикат за образование го повикува Министерството за образование да ја насочи својата енергија кон проблемите со екстерното оценување во основното и средното образование наместо да го воведува во високото образование, кршејќи ја автономијата на Универзитетот, гарантирана со Уставот.
Воедно МЕСО изразува поддршка за најавениот Студентски марш кој е закажан на Меѓународниот ден на студентите, 17 ноември.