Мудроста на Атиџе и пораките од „Медена земја“ преточени во едукативен пакет за основците

Пораките од документарниот филм „Медена земја“ се претставени во нов едукативен пакет наменет за учениците на возраст од 10 до 14 години. Тој се состои од три компоненти осмислени да ја поттикат креативноста на учениците и тоа: илустрирана сликовница, интерактивна игра со коцки и голема интерактивна игра на табла.

Во пилот фазата, едукативниот пакет беше испечатен на македонски, албански и турски јазик и беше дистрибуиран до основните училишта во Брегалничкиот регион.

„Медена земја“ е приказна во која главната хероина Атиџе Муратова пренесува длабока исконска мудрост за односот меѓу човекот и природата. Филмот го гледаа илјадници луѓе ширум светот, но ние сметавме дека овие пораки треба да стигнат и до нашите најмлади, бидејќи од особена важност е нивното образование и воспитување да обезбедат тие да растат во хармонија со природата и да ги почитуваат основните принципи на интеракција со неа“, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешната промоција.

Во своето обраќање, амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија Вероник Улман Марти, се осврна на значењето на документарецот „Медена земја“, кој според него испраќа моќни пораки, но истовремено потсетува што се случува кога не се почитуваат законите на природата.

„Овој филм добро ја илустрира дилемата со која се соочуваат нашите општества: да се најде вистинската рамнотежа помеѓу одржливото користење и управување со природните ресурси, економскиот развој и благосостојбата на луѓето. Швајцарија ја поддржува Република Северна Македонија во обидот да најде начин за решавање на оваа дилема, меѓу другото, преку Програмата за зачувување на природата, која има за цел да покаже како можеме да ја заштитиме природата и да промовираме одржливо управување со природните ресурси, истовремено промовирајќи го економскиот развој”, рече таа.

На настанот свое обраќање имаше и директорот на Бирото за развој на образованието Зекирија Хасипи, кој се осврна на резултатите од пилот фазата во која беа опфатени улилиштата од Брегалничкиот регион.

„Интересот од наставниците кои беа вклучени во серијата обуки за спроведување на едукативниот процес во образованието беше голем и тоа ни дава за право со задоволство да бидеме оптимисти дека едукативниот пакет успешно ќе се спроведе до учениците како крајни корисници. Бирото за развој на образованието ќе ја следи понатамошната имплементација на едукативниот пакет. Од исклучителна важност за нас е да се најде начин овој едукативен пакет да биде достапен до сите училишта на територијата на целата држава“, изјави тој.

Од друга страна, според тим лидерот на Програмата за зачувување на природата, Марјана Шушлевска притисоците врз природата се големи, а последиците од нејзиното уништување се чувствуваат постојано.

„На младите, нашата иднина, им престои период полн со предизвици. И токму можноста традиционалното локално знаење за искористување на природните ресурси, како она на Атиџе кое е одличен пример за живот во хармонија со природата, да се доближи до нив преку ваква интерактивна едукативна алатка, е вистинскиот пат како да ги подготвиме да се справат со предизвиците на што е можно посеопфатен, холистички начин”, истакна таа.

Содржината на едукативниот пакет, во име на авторите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја презентираше Симона Стојановска, координатор на проектот и главен уредник на илустрираната книга. Автори на интерактивните игри во едукативниот пакет се: Александар Микиќ, Самоил Петревски, Владимире Трајчевски и Борис Момиќ.

Едукативниот пакет е по нарачка на Министерството за животна средина во соработка со Министерството за образование и Бирото за образование, преку Програмата за зачувување на природата во  Северна Македонија (ПЗП) и Фармахем, а со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).