На Филозофскиот факултет во Скопје на 13 септември (петок) од 11 часот започнува Меѓународна студентска конференција за специјална едукација и рехабилитација.
Домаќин е Здружението на студенти на специјална едукација и рехабилитација, од каде велат дека ова е можност тие уште како студенти активно да се вклучат во промовирање на струките и областите со кои се занимаваат. Да се запознаат со колеги од различни струки, да разменат знаење и заедно со нивна помош да создадат повеќе можности за лицата со попреченост и нивните семејства.
Од Здружението потенцираат дека Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост постои од 2006 година. Земјава се приклучува на конвенцијата во 2007 година, а формално ја ратификува и го започнува процесот на имплементација во 2011 година.
Но, велат тие, речиси осум години подоцна, општествената свест за потребите и потенцијалите на овие лица сè уште е на многу ниско ниво.
„Лицата со попреченост и нивните семејства сè уште се соочуваат со сериозно прекршување на нивните човекови права и основни слободи, секојдневно се соочуваат со стигматизација и сегрегација, непристапност до соодветни услуги, воспитание и образование, можности за вработување поради системски недоследности, недостаток на соодветно обучени кадри и сервиси за поддршка како и практикување на медицинскиот модел на попреченоста наспроти социјалниот модел“, стои во најавата за Конференцијата.
Здружението нагласува дека социјалниот модел е развиен од самите лица со попреченост и претставува еден поинаков начин на гледање на попреченоста. Овој модел, вели дека попреченоста е всушност резултат на интеракцијата помеѓу лицата кои имаат одредено физичко, интелектуално или сетилно нарушување и средината, која е исполнета со физички, комуникациски и социјални бариери.
„Според овој модел средината е таа која треба да се промени со цел да им се овозможи на лицата со нарушување потполно учество во општеството на еднаква основа со сите други лица. Со оваа конференција сакаме да ја истакнеме потребата од прифаќање на социјалниот модел на гледање на попреченоста и потребата од блиска соработка помеѓу студентите кои студираат специјална едукација и рехабилитација и студентите од сродните струки како логопедија, педагодија, педијатрија, социјална работа и социјална политика и психологија, но и блиска соработка со студенти од другите општествени, хуманистички, технички, информатички и уметнички факултети кои навидум изгледаат неповрзани со лицата со попреченост, а се од клучно значење кога станува збор социјалниот модел на попреченоста“, велат од Здружението.
Од таму потенцираат дека на конференцијата како активни учестници со свои научни истражувања и работилници можат да бидат сите заинтересирани студенти кои студираат на прв, втор или трет циклус на студии ,или се стекнале со диплома за завршен прв, втор или трет циклус на студии во последните три години.
„Како пасивни учесници на конференцијата можат да учествуваат сите заинтересирани поединци кои сакаат да научат нешто повеќе лицата со попреченост“, се вели во најавата за Конференцијата.
Повеќе информации за условите и апликациите за учество ТУКА.