Movies that matter: проекција на документарец за судењето на Ратко Младиќ

Ќе се одржи проекција на документарниот филм ,,Судењето на Ратко Младиќ’’, во режија на Роб Милер. Филмот ќе биде прикажан на последниот ден од филмскиот фестивал „Movies that matter“, кој е во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Амбасадата на Кралството Холандија.

Проекцијата ќе се одржи на денес, на 17 декември во 19 часот, во социјалниот клуб „Комитет“, по што следи дискусија во која ќе учествуваат Љубомир Фрчкоски и Алберт Муслиу, а настанот ќе го модерира Уранија Пировска.

Се работи за исклучителен филм, чии креатори имале ексклузивен пристап до тимот обвинители, адвокатите на одбраната, сведоци кои се охрабриле да говорат пред судот и членови на семејството на обвинетиот. Оваа фасцинантна приказна за правдата, одговорноста и траумите од војната, го следи правниот процес пред Меѓународниот суд за злосторствата во поранешна Југославија, кој се одвиваше 530 дена, со 592 сведоци и со речиси 10 илјади опфатени докази. Поранешниот армиски лидер на босанските Срби, во ноември 2017 година беше осуден со првостепена пресуда за геноцид во Сребреница, прогон на Бошњаците и Србите во Босна и Херцеговина, тероризирање на цивилното население на Сараево и држење во заложништво на мировници на ОН. Продукцијата на документарецот траела осум години, започнувајќи во 2011 година, на денот кога Младиќ беше уапсен после 16 години поминати во бегство.

По дискусијата, ќе биде прикажан филмот Facing the Dragon, со што ќе заврши овогодишното издание на фестивалот „Movies That Matter“. Фестивалот започна на Меѓународниот ден на човековите права, по што следеа низа проекции на документарни филмови во Скопје, Тетово, Штип и Битола.