МОН времено го запира запишувањето на вонредни ученици во средните медицински училишта

Од Министерството за образование и наука (МОН) известуваат дека е донесена времена одлука според која сите јавни, средни училишта во земјава со добиена верификација за изведување на настава од здравствена струка,  треба да го стопираат процесот за запишување на вонредни ученици почнувајќи од мартовската сесија.

Од МОН посочуваат дека одлуката е од интерес за создавање на квалитетен медицински кадар, а дополнуваат дека одлуката истовремено е во согласност со државните напори за спречување на одливот на здравствени работници.

Оттаму истакнуваат дека според статистиките со кои располага Министерството, во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата.

„За разлика од редовните ученици кои освен теоретската, имаат и ефективна практична настава по стандарди утврдени во наставните планови и програми, за вонредните ученици по медицина, можностите за пракса во реални услови се значително ограничени“, велат од МОН.

Според новата времена одлука, претходно  запишаните вонредни ученици ќе продолжат со полагањето на предвидените испити, но во следниот период нема да може да се запишуваат нови.

Редовните ученици, ќе можат да се запишуваат вообичаено во текот на месец јуни, а согласно квотите кои ќе бидат утврдувани во конкурсите за уписи во јавни средни училишта.

„Дополнителен предизвик е и тоа што уписот во вонредно образование нема ограничувачки квоти, за разлика од уписот на редовни ученици кој се дефинира со конкретни квоти, согласно капацитетите на училиштата и минимум поени дефинирани во секој конкурс за упис во средно образование што изнесува минимум 70 поени, односно одличен успех во основното образование, а понекогаш и дополнителни квалификациони тестирања за селекција на поголем број на пријавени ученици со 75 поени“, велат од МОН.