Министерството за образование и наука апелира до училишниот одбор на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Центар да ја повлече иницијативата за укинување на ИБ програмата. Оттаму велат дека училиштето изнело невистини во врска со имплементацијата и квалитетот на меѓународната ИБ програма, која четири години е дел од наставниот процес во ова училиште.
„За нејзината имплементација е обезбеден правен основ, како и потребниот буџет за аконтација во ИБ организацијата, како и за обуки на наставниците и логистичка поддршка на училишните менаџменти.
Од Министерството тврдат дека не станува збор за насилно наметната програма, туку дека претставѕва меѓународна наставна методологија која веќе се применува во две основни училишта по поднесени барања од училишните одбори и е прифатена од наставниците, учениците и родителите.
„Се работи за програма која се користи во 140 земји во светот и тоа во повеќе од 3.500 училишта каде во овој момент учат над 1.000.000 ученици кои ИБ ги стимулира да истражуваат, да бидат повеќе креативни, критички да размислуваат и да стекнуваат трајни вештини, знаења и познавања на областите кои ги изучуваат, а наставникот е оној кој им помага во сето тоа, односно добива улогата на олеснувач на процесот на учење. Со ИБ програмата се надминува класичниот начин на предавање на табла, а акцентот е ставен на повеќе интерактивна и практична настава. Предавањата се реализираат на мајчин јазик, така што неточна е информацијата во соопштението на училишниот одбор на ОУ “Св. Кирил и Методиј“ дека согласно ИБ службен јазик во училиштето, е англискиот.
Очигледно е дека менаџментот на ова училиште има сосема поинакви причини за укинување на програмата, кои се целосно спротивни од најдобриот интерес на учениците, што е апсолутно неприфатливо и токму затоа има силни реакции од нивните родителите“, стои во реакцијата на МОН.