МОН по училишта ќе прашува какво екстерно сакаат учениците

Министерството за образование и наука ќе ги посетува основните и средните училишта и директно од учениците ќе бара предлози како да се подобри екстерното тестирање, изјави денеска заменик-министерот Спиро Ристовски, откако ја фрли првата лопата на нова училишна зграда во Радовиш.

„Ќе почнат средби со училиштата на микрониво. Планот ни е да посетуваме училишта и во нив да разговараме директно со учениците, да ги слушнеме нивните размислувања и предлози, во однос на подобрување на екстерното тестирање“, рече Ристоски.

Досега до министерството пристигнала само една иницијатива, за укинување на екстерното, што според надлежните не била контруктивна.

Екстерното тестирање и најавите за воведување нов концепт за полагање државна матура, во кој меѓу останатите промени беше предвидено математиката да биде задолжителен предмет, беа повод во текот на минатата учебна година голем број средношколци да излезат на протести низ десетина градови во земјава. Организирани во пленум, голем дел од учениците пет седмици ја бојкотираа наставата во второто полугодие и две недели во импровизиран камп пред МОН во обид да ги натераат надлежните да го слушнат и мислењето на учениците.

На ова од МОН одговорија со делумно повлекување од реформите, при што полагањето на државната матурa ланската учебна година се спроведе по стариот концепт, но останаа најавите дека ќе има измени во полагањето за новата генерација матуранти.