МОН: Да не се шират шпекулации, резултатите за стипендиите ќе се објават по изборот на Влада

Министерството за образование и наука реагира на обвинувањата на Студентски пленум за одложеното објавување на резултатите од конкурсот за доделување на студентските стипендии за академската 2016/2017 година.

Пленумот на својата Фејсбук страница напиша дека телефонските линии на министерството се недостапни веќе два дена, а во случај некој да успее да ги добие надлежните, најчестиот одговор бил дека резултатите не се објавуваат бидејќи државата се наоѓа во кризна политичка ситуација.

„Во интерес на вистината, надлежните служби за студентскиот стандард при Министерството за образование и наука редовно одговараат на сите телефонски повици и информираат дека согласно насоките од Државната комисија за спречување на корупција, постои законска пречка за објавување на конкурсните резултати до завршување на изборниот процес, односно до изборот на пратениците во Собранието и изборот на новата Влада на Република Македонија. Така што, повторно информираме дека резултатите ќе бидат објавени веднаш откако ќе добиеме позитивно мислење од соодветната институција, Државната комисија за спречување корупција“, стои во соопштението на МОН.

Оттаму апелираат да престане продуцирањето на шпекулации и ширењето на дезинформации, особено како што велат, од членовите на Студентскиот пленум кои редовно се обидувале „да поентираат преку измислени ситуации и наводни предизвици“.