Модна дизајнерка создава облека за лица со Даунов синдром

За една девојка со Даунов синдром, дискриминацијата и различноста од другите ја следеле цел живот, сѐ до Лондонската модна недела. Сега, оваа дизајнерка од Гватемала е на листата на стоте најинспиративни жени на ВВС.

Пред да стане интернационално позната дизајнерка, Исабела Спрингмул вели дека ја одбиле два факултети за моден дизајн во родената Гватемала, само затоа што има Даунов синдром.

„Ми велеа дека нема да можам да се справам“, се потсеќа 19-годишната Исабела.

Но, токму одбивањето ѝ било потребно за да го смени својот живот, вели нејзината мајка, Исабел Техада.

„Бев бесна што овие институции не ѝ даваа шанса на Исабела да учи. Беше многу тажно, но ја натера да смени сѐ. Потоа одлучи дека сака да научи да шие, па ја однесов во шивачка академија за жени“.

Додека учела како да шие, Исабела дизајнирала облека за платнени кукли, кои се изработуваат на рака и се традиционални за мексиканската и гватемалската традиција. Малите куклички се ставаат под перниците на децата, за да „им ги земат грижите додека спијат“.

За куклите создавала јаки и пончоа, по кои е сега позната.

Од дизајнирање за кукли, преминала на дизајнирање облека за луѓе, а наскоро создала колекција која го привлекла вниманието на модниот свет. На почетокот на годинава, стана првата дизајнерка со Даунов синдром која некогаш учествувала на Лондонската модна недела.

Нејзината основна мотивација, вели, е дека сакала да создаде облека која ќе одговара за луѓето со тело како нејзиното.

„Ние имаме поразлична конституција на телото, пониски сме, пошироки, или пак многу слаби. Мајка ми секогаш мораше да ги поправа алиштата кои ми ги купуваше“, раскажува.

„Затоа, решив да дизајнирам алишта кои одговараат за луѓето со Даунов синдром, а освен тоа, многу ги сакам гватемалските текстили и различните бои и текстури кои ги има“.

„Исабела има цврсти мислења и е решителна во своите одлуки“, вели мајка ѝ. Додава дека нејзината сила и решителност доаѓаат токму од нејзиот труд и патот до успех, кој не бил лесен.

„Вистината е дека луѓето ме критикуваа и не веруваа дека можам да направам нешто. Бев дискриминирана. Но, ја имав љубовта на моето семејство и пријателите, која ми помогна да го реализирам својот сон. Веќе бев во Рим, Лондон и Мексико, а ме поканија наредната година да одам во Мајами, Чикаго и можеби Париз“.

Наредната цел ѝ е „да го освои светот“.

„Сакам да го извезувам мојот бренд Down to Xjabelle насекаде низ светот. Сакам луѓето да ги знаат моите дизајни и да знаат дека луѓето со Даунов синдром можат да прават сѐ што сакаат. Сакам да можам да живеам сама, и 100 проценти да зависам само од себе си“, вели Исабел.