Преку половина од компаниите во Германија сакаат работата од дома да остане трајно решение, покажа анкетата на институтот ИФО и истражување на професионалната социјална мрежа „Линкедин“.
54% од компаниите сметаат дека работата од дома треба да продолжи и после кризата со коронавирусот.
„Кризата со коронавирусот може да биде поттик за траен работен ангажман од дома“, изјавил Оливер Валк, директор на Центарот за индустриска организација и нови технологии, кој е коавтор на студијата.
Податоците од анкетата покажуваат дека три четвртини од германските компании се договориле со дел од своите работници да работат од дома, како начин да се изборат со кризата, се наведува во соопштението на институтот од Минхен.
„За многу компании овој нов работен ангажман подразбира значителни инвестиции во дигитална инфраструктура и нова комуникациска технологија. Потполно враќање на стариот режим на работа е малку веројатно“, објаснува Валк.
Според истражувањето за 56% од вработените во Германија денеска е возможен привремена работа од дома, додека пред пандемијата се користел само половина од тој потенцијал. Покрај ова, една анализа на огласените работни места и лицата кои бараат работа на „Линкедин“ покажала дека бројот на прегледи за огласи за работа од дома се зголемил за повеќе од два пати.
„Сепак, во иднина, работните места за кои се смета дека во целост можат да се извршуваат од дома и понатаму ќе бидат исклучок. Знаеме дека недостигот на социјални контакти, кој го вклучува работата од дома, може долгорочно да биде товар и дигиталниот свет, сам по себе, не ги овозможува сите аспекти од креативната размена или пренос на знаење и идеи. Затоа веројатно ќе преовладува некој комбиниран модел, кој подразбира и работа од компанијата и работа од дома“, објаснува Жан Виктор Алипур, коавтор на истражувањето.