Младите во Македонија страдаат физички и емотивно поради сексуалните табуа и слабата поддршка

36 проценти од момчињата и само 3 проценти од девојчињата на 15 годишна возраст во Македонија имале сексуален однос. Идентичен е односот и родовата разлика и кај младите од македонска и албанска националност.

Од нив, при последниот сексуален однос кај младите Македонци – 64% од машките и 53% од девојките употребувале кондом, а контрацепциски пилули користеле 23% од машките и 6% од девојките. Кај младите Албанци, пак – 62% од машките и 20% од девојчињата употребиле кондом, додека пилули употребиле 44% од машките и 40% од девојките.

Заклучокот од овие податоци за сексуалноста и сексуалното здравје кај младите во рамки на меѓународната HBSC студија на Светската здравствена организација која се изработува во 44 светски земји, е дека младите од Македонија не се безбедни и доволно подготвени за првите сексуални искуства и интимни релации.

„Веднаш, на прв поглед се гледа влијанието на традиционалната култура. Никој не може да помисли дека тука се работи за реална слика на врсници момчиња и девојчиња во поглед на нивните сексуални искуства“, смета авторот на истражувањето, психологот Лина Ќостарова Унковска.

Според неа, ваквата негрижа кон младите има голема последица по нивното социјално, емоционално и ментално здравје.

Податоците од истражувањето покажуваат дека младите со рани сексуални искуства се понасилни, повеќе пушат и пијат алкохол, но се и почести жртви. Момчињата влегуваат во тепачки и малтретирање, но и самите трпат агресивни однесувања, додека девојките своите сексуални искуства најчесто ги манифестираат преку повлекување во себе, депресија, нервози, самоповредувања и идеи за самоубиство.

„Две рамки се користени во прикажување на податоците во публикацијата, хетеронормативната и на ЛГБТ младите. Заедничко за двете рамки е страдањето и обесправеноста на младите. Дали гледаме во едната или во другата рамка, тоа не ја менува сликата за нивното страдање“, додава Ќостарова Унковска.

Меѓуродовите разлики укажуваат и на нееднаквоста во поддршката што младите со рани сексуални искуства во Македонија ја добиваат од своите семејства и врсници. За разлика од момчињата, девојчињата се повеќе изолирани и препуштени сами на себе и учат претежно од сопствените релации кои не водат кон здрави избори и одлуки.

Недостигот од отворена поддршка ги оддалечува девојките од пристапот до вистински информации за клучните прашања во врска со нивното сексуално и репродуктивно здравје. Особено, ризикот по емоционалното и менталното здравје е највисок кај девојките Албанки, се наведува во истражувањето.

За Ирена Цветковиќ, од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, најзагрижувачки е што во податоците од истражувањето, кое се спроведува повеќе од десет години, не се забележува никакво подобрување на работите.

„Одговорот веројатно лежи во конзервативноста на нашето општество. Но, она што со сигурност знам да го кажам е дека она што ќе го пикнете под тепих не значи дека сте го избркале од главата на младите. Нашите млади се сексуално активни, нив ги мачат овие прашања, со тоа што ги игнорирате – само ги бркате кон други неадекватни, небезбедни и неконтролирани места од каде тие ќе ги бараат одговорите на своите прашања, за кои не знаеме до што ќе доведат “, посочува Цветковиќ.

Од 15-годишниците, 2% Македонци и 1% Албанци се изјасниле дека имаат хомосексуална или бисексуална вљубеност. Кај девојките тој процент е малку повисок, 4,5% од Македонките и 5,2% од Албанките одговориле дека се соочиле со искуство на хомо или бисексуална вљубеност. Според истражувањето, овие млади се многу почести жртви на малтретирање во училиште, но и на психичко и физичко насилство во домот.

Цветковиќ вели дека државата е должна да ги заштити овие млади, додека важно е и јакнење на капацитетот на стручните служби во училиштата, кои понекогаш малтретирањето врз овие млади го сметаат за наивна детска игра.

„Потребни се сеопфатни реформи, но за тие да почнат треба да се прифати дека ние имаме сериозен проблем во нашите училишта. Најрадикалниот резултат е дека хомо и бисексуалните млади три пати повеќе сериозно размислуваат за самоубиство од своите хетеросексуални врсници и се изложени на физичко, сексуално, семејно насилство, неразбирање“, истакнува таа.

Образованието е клучно во надминување на нееднаквоста, додека неинформираноста е главната причина за опстојувањето на ригидните и исклучиви родови обрасци во Македонија, се потенцира во истражувањето.

„Потребен е влез на овие теми во образованието и конечно да почнеме да се потпираме на истражувања и факти во пласирање на тезите. Не можеме да градиме вистини на некакви стереотипни слики и предрасуди, бидејќи тоа не води во ќорсокак и на никаков начин не го помага развојот на младите. Се работи за идентитетски прашања, не само за сексуалноста како сексуално здравје изолирано од сите други форми на здравје“, смета Ќостарова Унковска, за која е важно сексуалното образование да почне од најмалата возраст на децата и да се надоградува понатаму.

Резултатите од истражувањето се добиени на примерок од 1467 ученици на возраст од 15 години, во сооднос 31-69% помеѓу албанската и македонската етничка заедница според наставниот јазик на децата. Децата од останатите етнички заедници и оние кои не посетуваат редовна настава не биле опфатени со оваа анализа.

Даниел Евросимоски