Младите во Грција ќе добијат 150 евра ако се вакцинираат

Грчката влада им нуди припејд картичка со 150 евра на младите луѓе на возраст од 18-25 години ако се вакцинираат барем со една доза вакцина против Ковид-19, пренесува Екатимерини. Ова е поттик за зголемување на бројот на вацинирани граѓани во државата.

Картичката ќе ги покрие трошоците за патувања и забава, како што се билети за авиони и траекти, резервации за хотели, музика, театар и кино, музеи и археолошки места.

Премиерот Кирјакос Мицотакис рече дека го препознава влијанието на долгите карантински месеци врз социјалниот живот на младите.

„Ова е долг кон нашата младина, подарок во знак на благодарност, особено во пресрет на летото. [Тоа е] „благодарам“ за нивната трпеливост и истрајност “, рече тој.

„Во исто време, тоа е исто така поттик за младите особено да се вакцинираат, кои по природа придонесуваат повеќе за ширењето. И колку повеќе тие се заштитени [против вирусот], толку повеќе ќе го ограничиме пренесувањето на вирусот “.

Оние што ќе ја прифатат понудата, ќе можат да го поднесат своето барање за картичката преку владината онлајн платформа gov.gr, еден ден откако ќе ја добијат својата прва доза. Картичката ќе биде достапна до крајот на јули.