Младите реагираат, скапи се контрацептивните средства во Македонија

„Користиме кондоми, бидејќи се најсигурни, но не и други контрацептивни средства. Не би можела да си дозволам да купувам друга заштита, освен кондомите”, вели 20 годишната Марија од Скопје.

Високата цена - причина младите да не користат контрацепција

И за неа, како и за поголем дел од младите, контрацептивните средства во Македонија се скапи. Затоа дел од нив не користат никаква заштита, а против несаканата бременост го користат наједноставниот начин – прекинување на сексуалниот чин. Останатите главно користат кондоми бидејќи сметаат дека се најевтина заштита.

Како што појаснуваат од Асоцијацијата ХЕРА, статистиката покажува дека најголем дел од младите не ги користат новите контрацептивни средства.

„ Ние сме на нивото на Мали, а дури и Иран има пет пати поголема стапка на користење на модерна контрацепција споредено со Македонија“, вели Даниел Калаџиески, координатор во ХЕРА.

Истражувањето на УНИЦЕФ од 2011 година покажува дека стапката на користење на пилули е многу мала, односно девојките на возраст од 15 до 19 години воопшто ги не користат, од тие на возраст 20-24 користат само 0,4%, а 3,5% од девојките на возраст од 25 до 29 години земаат пилули. Наспроти тоа,  во сите возрасни групи над 20% користат прекинување на сексуалниот однос како заштита од несакана бременост.

Според Калаџиески, цената на контрацептивните средства е еден од главните фактори поради кои младите ја избегнуваат контрацепцијата, дури и во случаите кога станува збор за користење кондоми.

„Кај нас цената се движи до 10 или 12 евра за модерните контрацептиви. Сега замислете млада девојка од својот месечен буџет, наеднаш треба да ја плати целата сума. Затоа многу почесто младите се одлучуваат да користат кондоми“, вели Калаџиески и додава дека на месечно ниво кондомите може да бидат дури и поскапи од пилулите, но никој не купува кондоми за цел месец.

Во различни европски земји постојат различни модели за тоа како се покрива цената на контрацептивните средства. Во дел од нив тие се целосно бесплатни, во дел се плаќа партиципација. За девојки под 18 години пилулите се целосно бесплатни во Германија, Франција и Романија.

Од ХЕРА сега бараат надлежните да помогнат да се обезбеди контрацепција по пониски цени или да биде бесплатна за младите луѓе.

Бисера Ловачева