Младите од Северна Македонија ќе може да учествуваат во активности на „Европскиот корпус на солидарност“

Младите од Северна Македонија на возраст од 18 до 30 години ќе може да се пријавуваат на волонтерски активности како дел од „Европскиот корпус на солидарност“.

На вчерашната владина седница беше усвоен Предлог-законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Република Северна Македонија и Европската унија за учество на државата во иницијативата, кој ќе биде доставен за усвојување до Собранието.

Со ратификацијата на Спогодбата, младите од земјата ќе се стекнат со можност во државите-членки на ЕУ да реализираат волонтерски активности во времетраење од 2-12 месеци, додека за солидарните проекти е карактеристично што се единствени проекти кои може да се реализираат без партнерска организација од друга држава-учесник од ЕУ и се однесуваат на клучните предизвици во локалната средина и за промоција на европските вредности.

За овие програми ќе можат да аплицираат општините, училиштата, универзитетите, библиотеките, граѓанските организации и др.

Што е Европски корпус на солидарност?

Европскиот корпус за солидарност е нова иницијатива на Европската унија која создава можности за младите луѓе да волонтираат или работат на проекти во сопствената земја или во странство.

Можете да се регистрирате во Европскиот корпус на солидарност кога ќе имате 17 години, но не можете да започнете проект додека не наполнете 18 години.

По завршувањето на едноставниот процес за регистрација, учесниците на Европскиот корпус на солидарност би можеле да бидат избрани и поканети да се приклучат на широк спектар проекти, како што се помагање во спречување на природни непогоди или да помогнат при настаната штета, да понудат помош во центрите за баратели на азил или да се вклучат во решавање на различни социјални проблеми во заедниците.