Младите не ги препознаваат политичките манипулации на социјалните мрежи

Младите не ги препознаваат политичките манипулации на социјалните мрежиМладите се уверени дека се имуни на политичките влијанија преку социјалните мрежи, пасивни се кога треба да го искажат своето мислење дури и на теми блиски до нив, но и желни амбициите да ги остварат во Македонија.  Тие пак што сакаат да заминат,  сметаат дека во земјава сите работи функционираат врз основа на партии и врски.

Ова се мал дел од заклучоците во анализата за социјалните медиуми и политичкото однесување на младите направена од страна на Институтот за социолошки анализи. Преку разговори и дебати, анализирани се ставови на 300 испитаници на возраст од 16 до 21 година.

Според професорката Емилија Симоска постои своевидна отуѓеност меѓу оваа млада популација, а голем проблем е нивната незаинтересираност за дискусија. Втор проблем кој бил утврден во текот на истражувањето е убеденоста на испитаниците дека политичите влијанија преку социјалните мрежи не допираат до нив.

„Очигледно не се свесни за можностите за политичка манипулација која се прави од политичките групи кои постојат на социјалните мрежи и чија мисија е остварување на ова влијание. Значи неверојатна е увереноста на младите дека на овој начин врз нивните политички ставови не може да се влијае. Тие се убедени дека само ѕиркаат во тие профили, но немаат никаква свест за механизмите што некои политички партии успешно ги користат за влијание врз политичките ставови“, вели Симоска која додава дека младите изјавуваат дека се незаинтересирани за политика.

Истражувањето покажало дека социјалните мрежи се поистоветуваат со Фејсбук, кој младите велат дека го користат главно за комуницирање со пријателите и за запознавање со нови луѓе. Околу 90% од нив под злоупотреба на интернет подразбираат отворање лажни профили, а поголем дел го препознаваат говорот на омраза. Мал дел од нив се активни во невладините организации, но и во активности како спорт или одредени курсеви.

Сепак, вели Бојана Наумовска од Институтот за социолошки анализи, очигледна е разликата помеѓу овие млади и тие што не ги користат дополнителните можности.

„Кај младите кои се активни во невладиниот сектор сеуште постои желбата да го кажат своето мислење. Најголема разлика се чувствува кај младите од НВО-а кои поддржуваат дебати. Како причина за својата неактивност младите го посочуваат немањето доволно време, поради обврските како ученици и студенти, како и неинформираноста за постоењето на вакви организации“, вели Наумовска.

Најголемо влијание врз формирање на ставовите на испитаниците има семејството, а за политиката се информираат главно преку телевизиите. За заштитата од политичките влијанија и злоупотребата на младите на интернет, организирано не се разговара, се заклучува во истражувањето.

Истражувањето на Институтот за социолошки анализи е спроведено во пет градови низ Македонија, Скопје, Куманово, Струга, Битола и Штип.

Ј.Ј.