Млади од Македонија, Кипар и Хрватска поминаа низ тридневен тренинг на кој дискутираа за одземањето на земја и борбата со рударството во своите држави, но и на глобално ниво.
Настанот го организираа „Млади пријатели на земјата“ – Македонија, на тема „Работење со загрозени заедници од екстрактивни индустрии“, а се одржа од 14 до 16 јули во Колешино.
„Младите се запознаа со темите на интерсекционалност и системски пристап, односно земање предвид за сите можни социјални или општествени категории и аспекти при нивната работа. На тренингот се зборуваше за корисни алатки за организирање и мобилизирање со загрозени заедници, како и зајакнување на локалните движења преку методологијата на стратешка литигација.“, се вели во соопштението на „Млади пријатели на земјата“.
Тренингот се одржа на неколку метри оддалечено од куќите на локалните жители каде веќе една недела се одвиваат археолошки ископувања и отпочнување на планираниот рудник за злато Иловица-Штука. Младите имаа можност да се запознаат со ситуацијата од самите активисти кои се борат против рудникот.
„Борбата за живот не се случува само во Македонија туку и на многу места ширум светот, како што и ни споделија учесниците од Кипар за слична борба со рудникот за злато Матиатис во нивната заедница.“ велат од „Млади пријатели на земјата“.