Млади изработија апликација за нивните врсници полесно да се справат со насилството

Во мојот клас има деца кои се многу злобни и секогаш го тепаат мојот другар. Доколку и јас се смешам да не го тепаат, тие ќе ме удрат и ќе продолжат да го тепаат другар ми. Дајте совет што да правам?

И јас бев хејтана во основно, имаше период кога немав никого, скроз сама бев и ни јас ништо не преземав, но не се замарав многу.

Овие анонимни пораки се напишани од ученици кои во своите училишта посведочиле или биле жртви на физичко насилство. Ги најдовме на апликацијата Speak Out – изработена од 6 средношколци и студенти од Скопје. Таа е бесплатна и е наменета за млади од 13 до 20 години.

Данче Петрушевска и Александра Поповска се дел од тимот „Андромета“ што ја изработи апликацијата.

Данче е студентка на Универзитет „Американ Колеџ„ во Скопје, додека Александра студира на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Во тимот се и средношколците: Амра Личина од СУГС „Никола Карев“, Мила Митковска од гимназијата НОВА, Дарио Стојанов од СУГС „Јосип Броз Тито” и Матеј Плавевски од „Јахја Кемал“.

Поттик за апликацијата, велат тие, бил натпреварот на УНИЦЕФ, на кој стигнаа до финалето во Њујорк, каде беа прогласени меѓу петте победнички тимови во цел свет.

Но, она што вистински ги мотивирало се личните искуства. Како што вели Данче, секој од нив барем еднаш бил жртва на некакво насилство на училиште, било физичко или вербално.

„Нашата идеја е да се фокусираме на менталното здравје на личноста, бидејќи насилството како насилство не можеме да го прекинеме, ама можеме да се погрижиме за оние кои се жртви, кои се соочуваат со тоа и оние кои сакаат да се подобрат. Ако биле насилници да зборуваат на темата и да гледаат поопширно, од аспекти и на други луѓе“, вели таа.

Александра надополнува дека апликацијата служи како платформа на младите од 13 до 20 години каде ќе може да споделуваат ставови и меѓусебно да се охрабруваат за теми како меѓуврсничко насилство, проблемите во училиште и личните врски.

Како изгледа апликацијата

„Веруваме дека апликацијата може да помогне со тоа што дур зборувавме меѓу себе онака што е тоа што како ние во некои моменти сме се чувствувале и што би сакале да постои за да го имаме и да можеме да бидеме подобри. Сфативме дека ќе ни беше многу подобро доколку имавме некој да му кажеме што ни се случува на нас. Не да ни го реши проблемот туку да се искажеме. И со самото тоа што ние ќе споделиме нашата приказна и нешто што нас ни се случува, го трга тој менталет терет што го имаме и може да помогне да ја заборавиме случката доколку веќе не се случува, или да добиеме мотивација да го пријавиме човекот, или да застанеме на нозе и да му кажеме „еј, ова не е океј и да најдеме некој што ќе ни помогне““, посочи таа.

Но, според Александра, младите не сфаќаат секогаш каде згрешиле, туку тоа го прават единствено од што го сметаат за забавно. Потсети на ланскиот случај во основното „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската населба Аеродром, кога четири малолетни ученици фрлиле своја соученичка низ прозор.

„Дојдовме до заклучок дека многу често меѓуврсничките насилства се случуваат не бидејќи децата наводно сакаат да бидат злобни, туку децата гледаат некаков интерес во тоа, на нив им е интересно. Младите првично мора да добијат некаква едукација или да ја добијат другата страна на приказната што е, бидејќи тие не сфаќаат што направиле“, смета таа.

Засега апликацијата има опции корисниците да споделат лични случки или да постават прашање до заедницата. А во итни случаи, може да се обратат и до волонтер кој нуди совети. Данче најави дека периодов работат на нови опции и нов дизајн кои ќе ја направат апликацијата уште полесна за користење.

Емилија Петреска

*Првична аудио верзија од темата е објавена во склоп на емисијата „Мегафон“