[Фото] Млади активисти против говорот на омраза во Тетово

Младите активисти од Тетово со кренати транспаренти вчера излегоа на најфрекфентните места во градот во рамки на активистичка акција поради говорот на омраза. Акцијата се случуваше пред Државниот Универзитет на Тетово, гимназијата Кирил Пејчиновиќ, но и пред Културниот Дом.

„Петте платна испишани со пораки поврзани со говорот на омраза кои беа изложени на овие локации имаа за цел да го привлечат вниманието на јавноста и да поттикнат размислување за тоа колку присуството на говор на омраза го спречува постоењето и развојот на мирно, мултиетничко општество, без присуство на меѓуетнички и религиски предрасуди, омрази и стереотипи“, појаснуваат учесниците во акцијата.

No hate speech society е проект организиран од мултиетнички тим од десет млади активисти, волонтери на Liberal Alternative Institute Тетово (LAI), кои воедно беа дел од летната школа Youth Combating Hate Speech одржана во периодот од 20-24 Јули во Струга. Координаторката на проектот Ивана Крстиќ најави вакви акции и во Скопје и Велес.

Проектот е дел од низата проекти за поттикнување соживот и развивање на младински активизам кај граѓаните, кои произлегоа од летната школа во Струга и се поддржани од Германската амбасада во Скопје.